Ангстрем
ангстрем | |
---|---|
Единица за | должина (L) |
Ознака | Å |
Именувана по | Андерс Јонас Ангстрем |
Претворање на единици | |
1 ангстрем во ... | ... е еднакво на ... |
метри | 10-10 м (m) |
сантиметри | 10-8 см (cm) |
микрометри | 10-4 µм (µm) |
нанометри | 0,1 нм (nm) |
пикометри | 100 пм (pm) |
ангстрем (шведски: ångström, симб. Å) — единица за должина еднаква на 10-10 м (десетмилијардити дел од метарот) или 0,1 нм. Единицата е наречена во чест на шведскиот физичар Андерс Јонас Ангстрем (1814–1874).
Во природните науки и техниката, ангстремот често се користи за изразување на големината на атомите, молекулите, микроскопските биолошки стуктури, должината на хемиските врски, распоредот на атомите во кристапи, бранова должина на електромагнетното зрачење и димензии на деловите на интегралното коло. Атомите на фосфорот, сулфурот и хлорот имаат ковалентен полупречник од 1 Å, додека пак атомот на водородот е со полупречник од 0,25 Å.
Примена
[уреди | уреди извор]Единицата наоѓа широка примена во кристалографијата, физиката на тврдите тела и хемијата како единица за d-растојанија, ќелијни параметри, меѓуатомско растојание и рендгенски бранови должини. Сите овие имаат вредност помеѓу 1 и 10 Å.
Историја
[уреди | уреди извор]Андерс Јонас Ангстрем е пионер на полето на спектроскопијата, познат и по проучувањата од областа на астрофизиката, пренесувањето на топлината, Земјиниот магнетизам и поларната светлина.
Во своето дело „Оптички проучувања“ (Optiska undersökningar, 1852)[1] го поставува законот за впивање (апсорпција), подоцна изменет и наречен Кирхофов закон за топлинското зрачење.
Во 1868 г. Ангстрем направил шема на спектарот на сончевото зрачење во кој брановите должини на зрачењето се изразени во кратна на десетмилионити дел од милиметарот (10-7 мм)[2] Бидејќи човечкото око е чувствително на бранови должини од 4.000 до 7.000 Å (видлива светлина), единицата изразува доволно точни вредности без да има потреба од дропки. Подоцна ангстремот се проширил во други научни области кои работат во атомски размери.
Иако е предвиден да соодветствува на 10-10 метри, практичната спектрална анализа наложила поуточнето дефинирање на ангстремот. Сè до 1960 г. за појдовна основа се земал метарскиот еталон во облик на прачка и поради тоа ангстремот отстапувал за 1⁄6000.
Во 1907 г. Меѓународниот астрономски сојуз го утврдил меѓународниот ангстрем како брановата должина на црвена линија од кадмиум во воздухот еднаква на 6438,46963 меѓународни ангстреми. Во 1927 г. оваа дефиниција е прифатена од Меѓународното биро за тегови и мерки.[3] Од 1927 до 1960 г. ангстремот останал споредна мерна единица во спектроскопијата, дефиниран независно од метарот. Во 1960 г. самиот метар бил предефиниран на спектроскопски начин, па со тоа ангстремот бил утврден на точно 0,1 нанометри.
Иако ужива меѓународно признание, ангстремот формално не е дел од Меѓународениот систем на мерни единици (SI). Најблиската единица од овој систем е нанометарот (10-9 м). Меѓунраодниот одбор за тегови и мерки официјално препорачува ангстремот да не се користи, и затоа не е вклучен во каталогот на мерни единици на ЕУ за употреба во внатрешниот пазар.[4]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Vetenskapsakademiens Handlingar
- ↑ „A Brief (Incomplete) History of Light and Spectra“. ChemTeam.
- ↑ Comptes rendus de la 7e réunion de la Conférence générale des poids et mesures (PDF), Paris, стр. 85–88
- ↑ The Council of the European Communities (27 May 2009). „Council Directive 80/181/EEC of 20 December 1979 on the approximation of the laws of the Member States relating to Unit of measurement and on the repeal of Directive 71/354/EEC“. Посетено на 23 September 2011.