Жил Верн
Жил Габриел Верн | |
---|---|
Роден/а | Жил Габриел Верн 8 февруари 1828 Нант, Франција |
Починат/а | 24 март 1905 Амјен, Франција | (возр. 77)
Занимање | Писател |
Јазик | Француски |
Националност | Французин |
Жанр | Научна фантастика |
Значајни дела | 20000 милји под морето, Патување во центарот на Земјата, Пат околу светот за 80 дена |
Сопруг/а | Онорина Морел |
Деца | Мишел |
Потпис |
Жил Верн (француски: Jules Verne), (Нант, 8 февруари 1828 - Амјен, 24 март 1905) — истакнат француски писател.
Животопис
[уреди | уреди извор]Жил Верн е роден на 8 февруари 1828 година во францускиот град Нант каде што ги завршил основното и средното образование. Во детството си играл со брат му Пол и трите сестри - Ана, Матилда и Марија. Уште на единаесетгодишна возраст, кај него се јавила желба за патувања, па се качил на еден пароброд со цел да отпатува за Индија, но татко му го стигнал во едно пристаниште, казнувајќи го жестоко малечкиот Жил, кој ветил дека во иднина ќе патува само во своите мисли. Во гимназијата во Нант, Верн учел реторика и филозофија. Во 1848 година заминал во Париз каде што, по желба на татко му, студирал право. Кога дипломирал, татко му го советувал да работи како адвокат во Нант, но тој никогаш не станал правник, бидејќи посилна била љубовта кон пишувањето.
Уште од раното детство, Жил Верн бил вљубен во Каролина Тонсон која ја сакал долго време, но таа се омажила за друг. Во 1857 година, тој се оженил со Онорина Морел, која му помогнала во решавањето на материјалните проблеми, а во 1861 година им се родил единствениот син Мишел. Љубовта кон патувањата никогаш не го напуштила Верн. Tака, со хонорарот добиен за едно успешно театарско дело, тој купил мала јахта и со неа пловел крај бреговите на Ирска, Шкотска, Скандинавскиот Полуостров, Португалија, Шпанија, Северна Африка, а подоцна, со пароброд, патувал и во Северна Америка.
Во 1872 година го напуштил Париз и се населил во малото провинциско место Амјен. Во 1886 година, некој млад човек, кој ненадејно полудел, пукал со револвер и го ранил во ногата, така што Верн, на стари години останал куц. Несреќите продолжиле и понатаму, бидејќи подоцна умреле повеќе негови блиски пријатели и роднини. Жил Верн умрел на 24 март 1905 година, а на неговиот погреб дошле најпознатите личности во тоа време, како и претставници на сите владетели во светот.[1]
Творештво
[уреди | уреди извор]Жил Верн живеел и творел во периодот на мошне брз развој на науката и техниката и интензивен развој на индустријата: Во тоа време бил поставен телеграфски кабел меѓу Европа и Америка, Мајкл Фарадеј ја открил електричната индукција, а тогаш се појавиле и првите хидраулични пумпи. Под влијание на тие откритија, Верн ги вовел науката и техниката во литературата. Десет години пред да ги објави своите први романи, Верн бил редовен читател во Националната библиотека во Париз, каде што неуморно читал за новите откритија. Истовремено, во текот на тие десет години, тој бил во непосреден контакт со бројни научници, инженери, пронаоѓачи, светски патници и истражувачи. Така, Верн во својата меморија акумулирал огромен број факти, а во својата картотека чувал 25 000 белешки од сите области во науката.[2]
Жил Верн бил мошне надарен фантазер, кој бил голем вљубеник во науката и се занимавал со проучување на научно-техничките откритија, а истовремено располагал со дарба за сликовито и пластично пишување. Во своите дела, тој ја истакнува големата сила на човекот и вербата дека со помош на науката, тој е способен да ја скроти природата и да го оствари сето она што го замислила фантазијата. Всушност, голем дел од техничките достигнувања кои Верн ги опишал во своите дела, денес претставуваат стварност (авионот, хеликоптерот, грамофонот, филмот, телевизијата итн.). Неговите романи и ден-денес се многу популарни и читани, а според нив се снимени и бројни филмови.[3]
Големината на Верн како писател се состои не само во тоа што тој предвидел многу технички достигнувања, кои се јавиле многу подоцна, туку тој го направил сето тоа многу прецизно, потпирајќи се врз своите солидни географски, астрономски, хемиски, физички и етнолошки знаења. На пример, во 1854 година, еден француски научник конструирал мотор според описите на Жил Верн и моторот навистина проработил. Подоцна, во 1863 година, математичарот Бертран и астрономот Јансен, откако го прочитале романот Од Земјата до Месечината, кој штотуку излегол од печат, ги провериле балистичките пресметки опишани во романот и утврдиле дека тие се сосема точни. Всушност, многу светски научници и истражувачи истакнувале дека романите на Верн им ја подгревале фантазијата и дека влијаеле да го изберат својот животен пат. Така, американскиот адмирал Ричард Евелин Берд (1888-1957), кој во 1926 година прв го прелетал со авион Северниот Пол, а подоцна и Јужниот Пол, во своите мемоари истакнал дека станал истражувач под влијание на хероите на Верн. Исто така, големиот руски писател Лав Толстој со воодушевување зборувал за Жил Верн, истакнувајќи дека... "е ненадминлив мајстор во создавањето заплети кои ги возбудуваат читателите."[4]
Делото на Жил Верн е обемно. Тој напишал над 80 романи и подолги прозни текстови (вкупно 58 романи под заеднички наслов „Необични патувања“) со кои доживеал огромна популарност, не само во Франција, туку и во целиот свет. Неговите дела се преведувани и издавани на многу јазици, достигнувајќи милионски тиражи, а некои од нив биле наградувани од страна на Француската академија. Исто така, Верн напишал и повеќе дела од популарната литература, како и петнаесетина пиеси и либрета за оперети. Неговото деби на книжевната сцена се случило во јуни 1850 година, кога во Париз, на сцената била поставена неговата прва пиеса. Сепак, првиот голем успех во литературата Верн го постигнал во периодот од 1863 до 1865 година, кога ги објавил романите: Пет недели во балон, Авантурите на капетанот Хатерас, Патување во центарот на Земјата, Од Земјата до Месечината и Децата на капетанот Грант. Популарноста на овие дела била толку голема, што некои од нив по само неколку месеци биле преведени на десетина други јазици. Во 1870 година следувал уште еден голем успех - романот 20 000 милји под морето, а во 1872 година и успешниот роман Пат околу светот за 80 дена. Најголемиот подем во неговото творештво се случил во периодот од 1872 до 1886 година. Тогаш, секој ден станувал во пет часот наутро и пишувал непрекинато до осум часот навечер. Од тој период датираат десетина романи, меѓу кои, најпознати се Михаил Строгов и Д-р Окс. Тогаш, тој се здобил со големо богатство и огромна слава, рамна на најголемите имиња во светската литература во тоа време.[5]
Негови најпознати дела се:
- 20000 милји под морето
- Патување во центарот на Земјата
- Пат околу светот за 80 дена
- Таинствениот остров
- Децата на капетанот Грант
- Пет недели во балон
- Авантурите на капетанот Хатерас
- Од Земјата до Месечината
- Михаил Строгов
- Д-р Окс
- Илустрирана географија на Франција и нејзините колонии
- Историја на големите патешествија
- Кристифор Колумбо
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ "Поговор", во: Жил Верн, Патување во центарот на Земјата. Скопје: Детска радост, 1987, стр. 266-268.
- ↑ "Поговор", во: Жил Верн, Патување во центарот на Земјата. Скопје: Детска радост, 1987, стр. 268-269.
- ↑ Михаил Јанушев, "Разговор за делото '20 000 милји под морето' од Жил Верн", во: Жил Верн, 20 000 милји под морето. Скопје: Македонска книга/Наша книга, 1975, стр. 103-105.
- ↑ "Поговор", во: Жил Верн, Патување во центарот на Земјата. Скопје: Детска радост, 1987, стр. 269-270.
- ↑ "Поговор", во: Жил Верн, Патување во центарот на Земјата. Скопје: Детска радост, 1987, стр. 266-267.