Прејди на содржината

Камата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Камата (англиски: Interest) е трошокот на позајмувањето или цената што се плаќа за позајмувањето средства. Износот кој се позајмува се нарекува главница, а процентот од каматата кој се плаќа на главницата е каматна стапка.[1] Една од поедноставните дефиниции на каматната стапка е дека таа го претставува соодносот помеѓу надоместокот што мора да ги плаќаме за да се здобиеме со користење на кредитот, поделен со износот на добиениот кредит.[2]

Историски и етички аспекти на каматата

[уреди | уреди извор]

Каматата е позната уште од најстарите цивилизации, како што е сумерската. Историските документи од времето на Сумерската цивилизација укажуваат на формализиран систем на кредитирање заснован на сребро и жито, две главни средства за плаќање. Среброто се употребувало како средство за плаќање во градовите, а житото во селата. Според многу религии концептот на каматата е неетички. Причината е остварување приходи без труд. Поради ова, каматата е делумно забранета во Христијанството и Јудаизмот, додека пак во Исламот е целосно забранета.

Причини за постоење на каматата

[уреди | уреди извор]

Има неколку причини поради кои се користи каматата:[3]

  • Чистата временска преференција кон сегашноста во однос на иднината – Луѓето едноставно повеќе сакаат да трошат сега, отколку тоа да го одлагаат за во иднина. Секој би сакал да има богатство како дваесетгодишник, наместо тоа да го има на шеесетгодишна возраст
  • Стравот, неизвесноста од иднината – Иднината е неизвесна. Ветувањето за идни приливи ги прави луѓето попретпазливи во однос на оној што им ги ветил парите.
  • Инфлација – Инфлацијата,намалувањето на вредноста на парите е нормална и редовна појава во последниве децении секаде во светот. Поради тоа, 100 парични единици денес ќе вредат реално помалку по една или повеќе години доколку постои инфлација, а особено доколку таа е со повисока стапка.
  • Можност за инвестирање (опортунитетен трошок) – Доколку денес располагаме со одреден паричен износ, имаме можност тој да го вложиме, и со тоа, по истекот на одреден временски период да располагаме со повеќе пари отколку што сме имале на почетокот.

Видови каматни стапки

[уреди | уреди извор]

Постојат неколку видови каматни стапки:[4]

  • Номинална каматна стапка – Номинална каматна стапка е каматната стапка што стои во договорот помеѓу кредиторот и должникот, и не ја зема предвид инфлацијата
  • Реална каматна стапка – Реалната каматна стапка се разликува од номиналната по тоа што ја зема предвид и очекуваната инфлација, со цел поточно да го рефлектира вистинскиот трошок на позајмувањето. Ова е каматната стапка што е најважна за донесување на економски одлуки. Реалната каматна стапка прецизно се дефинира преку Фишеровата равенка, според која реалната каматна стапка е еднаква на номиналната каматна стапка минус очекуваната стапка на инфлација
  • Делотворна каматна стапка – Делотворна каматна стапка е износот којшто кредиторот делотворно го добива, по одбивањето на данокот и други евентуални трошоци.

Значењето на каматата

[уреди | уреди извор]

Каматните стапки се значајни на многу различни нивоа. На персонално ниво, високите каматни стапки можат да ве одвратат од купување куќа или автомобил ако трошокот за финансирање на таквата активност е висок. Од друга страна, високите каматни стапки можат да ве стимулираат да штедите, бидејќи во таков случај би заработиле поголема камата преку претворање на дел од вашите заработки во заштеди. На погенерално ниво, каматните стапки имаат влијание врз целокупното здравје на економијата, бидејќи тие не влијаат само врз подготвеноста на потрошувачите да трошат или да штедат, туку и врз одлуките за бизнис-инвестиции.[1]

Законско регулирање на каматата

[уреди | уреди извор]

Според членот 266-а од Законот за облигационите односи, казнената камата во Македонија се определува посебно за секое полугодие, и тоа врз основа на референтната каматна стапка на НБРМ (каматната стапка на основниот инструмент на операциите на отворениот пазар) што важела на последниот ден од претходното полугодие. Потоа, референтната каматна стапка на НБРМ се зголемува за десет процентни бодови во трговските договори и во договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно на осум процентни бодови во договорите во кои барем едното лице не е трговец.[5]

  1. 1,0 1,1 Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари. Скопје: Магор, 2010, стр. 4.
  2. Peter Rose, Commercial Bank Management. Irwin/McGraw-Hill, 1991.
  3. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 95-96.
  4. Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари. Скопје; Магор, 2010, стр. 87.
  5. Никола Главинче, „Исплата на обврски со отстапување на побарување“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 62-63.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]