Прејди на содржината

Карипска Плоча

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карипска Плоча
Карипската Плоча
Видмала
Површина3.200.000 км2
Движење1северозападно
Брзина110-11 мм годишно
ОпфаќаСредна Америка, Големи Антили, Мали Антили, Карипско Море
1Во однос на Африканската Плоча

Карипска Плоча — претежно океанска тектонска плоча сместена под Средна Америка и Карипското Море и лежи северно од Јужна Америка. Зафаќа површина од 3.200.000 км2.

Се граничи со Северноамериканската, Јужноамериканската, Насканската и Кокоската Плоча. Овие граници се подрачја на силна сеизмичка активност, со чести земјотреси, повремени цунамија[1] и вулкански избуви.

Видови граници

[уреди | уреди извор]

Северната граница на Северноамериканската Плоча е трансформна граница која се протега од граничното подрачје на Белиз, Гватемала (Монтагвански Расед) и Хондурас во Средна Америка, на исток низ Кајманската Бразда долж трансформниот расед на Лебедовите Острови, па ѝ се придружува на јужната граница на Гонавската Плоча. Источно од Среднокајманскиот Гребен продолжува како раседната зона Волтон и раседната зона Енрикиљо–Плантејн Гарден во источна Хиспаниола. Одовде продолжува во Порторико и Девствените острови. Дел од Порториканскиот Ров, најдлабокиот дел од Атлантскиот Океан (8.400 м) лежи долж оваа граница. Порториканскиот Ров се наоѓа на сложен преод од подвлекувачката граница на југ и трансформната граница на запад.

Нагледно видео за Карипската Плоча

Источната граница е Малоантилската зона на подвлекување, каде океанската кора на Јужноамериканската Плоча се подвлекува под Карипската Плоча. Со ова дејство настанале вулканските острови на Малоантилскиот Вулкански Лак од Девствените Острови на север до островите кај брегот на Венецуела на југ. Оваа граница содржи седумнаесет активни вулкани, од кои позначајни се Суфриер на Монтсерат; Мон Пеле на Мартиник; Голем Суфриер на Гваделуп; Суфриер на Свети Винцент и подводниот вулкан Кикем Џени кој лежи околу 10 км северно од Гренада. На ова подрачје се случиле разорни мегаземјотреси во 1839 и 1843 г.[2][3]

Долж геолошки сложената јужна граница,[4] Карипската Плоча заемодејствува со Јужоамериканската, образувајќи ги Барбадос, Тринидад и Тобаго (сите на Карипската Плоча), како и островите кај Венецуела (вклучувајќи ги Заветрените Антили) и Колумбија. Оваа граница делумно е производ на трансформно раседнување, заедно со навлекување и извесно подвлекување. Богатите нафтени полиња на Венецуела можеби се производ на ова сложено заемодејство. Карипската Плоча се движи на исток за 22 мм годишно во однос на Јужноамериканската.[5][6] Во Венецуела, движењето меѓу Карипската и Јужноамериканската Плоча се одвива долж раседите Боконо, Ел Пилар и Сан Себастијан.[4]

Западниот дел на плочата е зафатен од Средна Америка. Кокоската Плоча во Тихиот Океан се подвлекува под Карипската близу западниот брег на Средна Америка. Ова подвлекување ги создало вулканите во Гватемала, Ел Салвадор, Никарагва и Костарика, збирно наречени Средноамерикански Вулкански Лак.

Постојат две теории за настанокот на плочата — една традиционална и прифатена, а другата конкурентна, претставена во 2002 г.

Пердоминантната теорија вели дека плочата е Карипската магматска провинција, која се создала во Тихиот Океан пред десетици милиони години, чие потекло моежби е во Галапагоската Врела Точка.[7] Како што се ширел Атлантскиот Океан, Северна и Јужна Америка биле истиснати на запад, и извесно време биле одвоени со океанска кора.[8] Тихоокеанското морско дно се подвлекло под оваа океанска кора помеѓу континентите. Карипската магматска провинција допатувала на истото подрачје, но не се подвлекла бидејќи била помалку густа и подебела од околната океанска кора; наместо тоа, таа се наметнала врз океанското тло, продолжувајќи да се движи на исток во однос на Северна и Јужна Америка. Со настанокот на Панамскиот Провлак пред 3 милиони години, таа конечно ја изгубила врската со Тихиот Океан.

Поновата теорија вели дека Карипската Плоча настанала од атлантска врела точка која повеќе не постои. Оваа теорија дава докази за апсолутното движење на Карипската Плоча која што укажува на западно наместо источно движење, и дека привидното источно движење е само релативно во однос на движењата на Северноамериканската и Јужноамериканската Плоча.[9]

Прв американски копнен мост

[уреди | уреди извор]

Карипската Плоча почнала да се преместува на исток пред 80 милиони години за време на доцната креда. Оваа преселба со време создала вулкански лак кој се протега од северозападна Јужна Америка до полуостровот Јукатан, денес претставен од архипелазите Авес, Малите и Големите Антили. Лакот бил предмет на постојан тектонизам и колебање на морското ниво, но траел до средниот еоцен и повремено создавал копнен мост долж источната и северната граница на Карпската Плоча.[10] Делот од западната граница кој подоцна се претворил во Средна Америка сè уште бил изолиран од Тихиот Океан.

Пред 58,5 - 56,5 милиони години, за време на доцниот палеоцен, месниот низок водостој потпомогнат од континенталното издигање на зпаадниот раб на Јужна Америка, создал траен копнен мост преку кој дошло до размена на неколку групи цицачи. На пример, пронајдени се примероци од чуднозглобните (Xenarthra), опосумите (Didelphidae) и ужасниците (Phorusrhacidae) од еоценска Северна Америка и Европа (со извесни спорни примери),[10][11] како и торбарскиот род Peradectes од палеоценска Јужна Америка.[12]

Голема американска размена

[уреди | уреди извор]

Големата американска размена каде копнените и слатководни животните се селеле помеѓу Северна и Јужна Америка и обратно преку издигнатиот западен раб на Карипската Плоча (Средна Америка) е подоцнежен настан, која драматично се засилил пред 2,6 милиони години.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Fernández-Arce, Mario; Alvarado-Delgado, Guillermo (декември 2005). „Tsunamis and Tsunami Preparedness in Costa Rica, Central America“ (PDF). ISET Journal of Earthquake Technology. Paper No. 466. 42 (4): 203–212. ISSN 0972-0405.
  2. Robson, G.R. (1964). „An Earthquake Catalogue for the Eastern Caribbean 1530–1960“. Bulletin of the Seismological Society of America. 54 (2): 785–832. Bibcode:1964BuSSA..54..785R. doi:10.1785/BSSA0540020785.
  3. Feuillet, N.; Beauducel, F.; Tapponnier, P. (2011). „Tectonic context of moderate to large historical earthquakes in the Lesser Antilles and mechanical coupling with volcanoes“ (PDF). Journal of Geophysical Research. 116 (B10): B10308. Bibcode:2011JGRB..11610308F. doi:10.1029/2011JB008443. hdl:10220/8653.
  4. 4,0 4,1 Audemard, Franck A.; Singer P., André (1996). „Active fault recognition in northwestern Venezuela and its seismogenic characterization: Neotectonic and paleoseismic approach“. Geofísica Internacional. 35 (3): 245–255. doi:10.22201/igeof.00167169p.1996.35.3.460. Посетено на 24 ноември 2015.
  5. Deiros D (2000) [Determination of Displacement Between Caribbean and South American Plates in Venezuela using Global Positioning System (GPS) data.] Geological Code of Venezuela. (шпански)
  6. Pérez OJ, Bilham R, Bendick R, Hernández N, Hoyer M, Velandia J, Moncayo C y Kozuch M (2001) Relative velocity between the Caribbean and South America Plates from observations Within the Global Positioning System (GPS) in northern Venezuela.(шпански)
  7. "Crustal structure across the Pacific margin of Nicaragua", Walther, C. H. E. et al, Geophysical Journal, Volume 141, Issue 3, pp. 759-777, (2000).
  8. James, K.H.; Lorente, M.A.; Pindell, J.L., уред. (2009). The Origin and Evolution of the Caribbean Plate (PDF). London: The Geological Society of London. ISBN 978-1-86239-288-5.
  9. Meschede, Martin; Frisch, Wolfgang (2002). „The evolution of the Caribbean Plate and its relation to global motion vectors: geometric constraints for an inter-american origin“. Во Jackson, T.A. (уред.). Caribbean Geology: Into the Third Millennium : Transactions of the Fifteenth Caribbean Geological Conference. University of West Indies Press. стр. 279. ISBN 978-976-640-100-9.
  10. 10,0 10,1 Marshall, L.G.; Sempere, T.; Butler, R.F. (1997). „Chronostratigraphy of the Mammal-Bearing Paleocene of South America“ (PDF). Journal of South American Earth Sciences. 10 (1): 63. Bibcode:1997JSAES..10...49M. doi:10.1016/S0895-9811(97)00005-9.
  11. Angst, Delphine; Buffetaut, Eric; Lécuyer, Christophe; Amiot, Romain (12 ноември 2013). "Terror Birds" (Phorusrhacidae) from the Eocene of Europe Imply Trans-Tethys Dispersal“. PLOS ONE (англиски). 8 (11): e80357. doi:10.1371/journal.pone.0080357. ISSN 1932-6203. PMC 3842325. PMID 24312212.
  12. Janis, Christine M.; Gunnell, Gregg F.; Uhen, Mark D., уред. (2008). Evolution of Tertiary Mammals of North America: Volume 2: Small Mammals, Xenarthrans, and Marine Mammals. 2. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-78117-6.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]