Мостот на Дрина (книга)
Мостот на Дрина околу 1900 година | |
Автор | Иво Андриќ |
---|---|
Изворен наслов | На Дрини ћуприја |
Земја | Југославија |
Јазик | српскохрватски |
Жанр | историска фикција |
Издавач | Просвета |
Издадена | март 1945 |
Страници | 318 |
„Мостот на Дрина“ (српскохрватски: Na Drini ćuprija) — роман на југословенскиот писател Иво Андриќ.[1] Романот се развива преку раскажувањето за градењето на мостот преку реката Дрина во босанскиот град Вишеград. Градењето на мостот го нарачал Мехмед-паша Соколовиќ, прочуениот војник и војсководец на Османлиското Царство кој по род бил Србин од Рудо. Уште како мало момче, Бајица, бил одведен со останатите грабнати деца како данок во крв во Цариград. Дејството на романот трае речиси четири века и содржи повеќе приказни поврзани за мостот на Дрина, кој е точка околу која сè се врти и главниот симбол на нарацијата. Самиот мост на некој начин претставува спротивност на човековата судбина која е минлива во однос на камената градба, што е вечна. И околу него се плетат животи и приказни за историски личности, но и за маргинални, безимени ликови кои се плод на мечтата на писателот или задржан спомен од старите градски нарации.
Хронолошка поделба на романот Мостот на Дрина
[уреди | уреди извор]Иво Андриќ во овој, како и во другите свои романи применил постапка на воспоставување книжевна хроника (такви се и романите Травничка хроника и Омер-паша Латас, па може да се каже дека „Мостот на Дрина“ е вишеградска, а „Омер-паша Латас“, сараевска хроника за животот и животните премрежија во османлиските касаби. Во романот „Мостот на Дрина“, Андриќ хронолошки го опишал секојдневниот живот во вишеградската касаба на брегот на реката Дрина, во која живееле заедно и Турци и христијани со сите свои посебности и потреби. Главниот лик на овој роман е токму тој, древниот камен мост, со кој спојувањето на двата брега означувало и спојување (во одредени временски периоди) на две држави, Босна и Србија, но во исто време и оној клучен, секогаш егзотичен, секогаш предизвиклив спој и судир на Западот со Истокот.
Во романот се опфатени три раздобја со нивните специфичности:
- Времето на турскиот феудален растеж;
- Времето на воените случувања на Балканот по турското губење на доминација, (анексија на Босна и Херцеговина);
- 1914 година, силниот налет на новото време и несопирливите бури во најава.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од 24 глави.
- 1-4 глава: Во Вишеград постои стар мост на Дрина кој одамна ги поврзува Босна и Србија. Мостот е централно место во градот и најтесно е испреплетен со животот на месното население. Еден ноемвриски ден во 1516 година, едно десетгодишно дете од блиското село Соколовиќи е грабнато и одведено во Истанбул, но местото каде ја минува Дрина засекогаш му се врежува во сеќавањето. Подоцна, тоа станува познато како везирот Мехмед-паша кој се заветува на тоа место да изгради мост. Со изградбата раководи помошникот на Мехмед-паша, суровиот Абид-ага кој го присилува месното население бесплатно да работи на мостот. Поради тоа, градежните работи предизвикуваат немир во градот и околината, а луѓето се противат на изградбата на мостот. Работникот Радисав ги убедува луѓето да ја кочат изградбата на мостот, а кај народот се шири верувањето дека за застојот е виновна некоја самовила. Абид-ага е бесен поради доцнењето во работата и поставува стражари, кои една ноќ го фаќаат Радисав најпрвин го мачат, а потоа жив го набиваат на кол. Подоцна, острата зима ја запира изградбата, а следната пролет доаѓа друг пратеник на везирот, кој го разрешил Абид-ага поради проневера на парите наменети за градежните работи. Така продолжува изградбата на мостот, кој е завршен во октомври 1571 година, по петгодишна макотрпна работа. Тогаш, Ариф-бег приредува голема прослава, а населението е воодушевено од мостот. Набргу, везирот Мехмед-паша е убиен, а градот постепено заживува и почнува да се шири околу мостот.[2]
- 5-8 глава: Кон крајот на 17. век, Османлиското царство се повлекува од Унгарија и тогаш пропаѓаат имотите од кои се финансираат мостот и анот, а поради тоа пропаѓа анот зашто повеќе нема приходи за неговото финансирање. Сепак, мостот опстојува и понатаму, издржувајќи ги и повремените големи поплави кои го погаѓаат градот. На почетокот на 19. век избувнува српското востание и тогаш на мостот е поставена стражарница, а на него се изложуваат отсечените глави на осомничените за помагање на востаниците. Од тоа време потекнува приказната за убавата Фатима која се фрла од мостот, решена да не се омажи за момчето кое не го сака.[3]
- 9-20 глава: Во 1878 година, Австроунгарската војска ја окупира Босна, а жителите на Вишеград не сакаат да учествуваат во отпорот против освојувачот. Окупаторкста војска влегува во градот и внесува големи промени, т.е. нови закони, правила и обичаи, кои месното население тешко ги прифаќа. Така, власта спроведува попис на населението и регрутација, а тоа предизвикува отпор кај народот, така што на мостот повторно е поставена стража. Од тоа време останува приказната за војникот Грегор Федун, кој наседнува на итрината на една девојка која успева преку мостот да пренесе еден ајдук; поради тоа, пред да биде одведен на воениот суд, војникот извршува самоубиство. Последните децении од 19 век се период на мир и развој на трговијата и во градот целосно навлегува новиот живот при што се отвора и првиот хотел со кој раководи Лотика – убава, способна и решителна жена која несебично се грижи за своите роднини. Еден од највпечатливите настани од тоа време е оној кога пијаниот Салко Ќоркан, со кого се шегуваат градските трговци убедувајќи го дека во него е вљубена убавата Паша, чекори по замрзнатата камена ограда на мостот. Австроунгарската власт извршува поправки на мостот, во градот воведува водовод и улично осветлување, а со изградбата на железничката пруга мостот го губи своето сообраќајно значење. Во 1908 година, Австроунгарија врши анексија на Босна и за време на политичката криза поставува експлозив во темелите на мостот. Во 1912-1913 избувнуваат Балканските војни кои предизвикуваат страв и потиштеност кај муслиманското население и пораст на српскиот национализам. Воопшто, во првите децении на 20 век, учениците и студентите ги носат во градот идеите за национално будење. Во тоа време, хотелот на Лотика постепено пропаѓа поради конкуренцијата од бројните угостителски објекти, вклучувајќи го и борделот, а Лотика трпи и големи финансиски загуби.[4]
- 21-24 глава: Така доаѓа и 1914 година, со топлото лето и поволните временски услови кои ветуваат богат род. Додека Србите го прославуваат празникот Видовден, во градот пристига веста за атентатот во Сараево. Веднаш започнува прогонот на Србите, а Австроунгарија ѝ објавува војна на Србија поради што градот е исполнет со многубројна австроунгарска војска, а тројца Срби се обесени на мостот. Српската артилерија постојано го гаѓа гранатира Вишеград, уништувајќи ја касарната, но мостот претрпува сами мали оштетувања. Поради тоа, Лотика е принудена да го затвори хотелот и тогаш претрпува големо нервно растројство. Кон крајот на септември, поголемиот дел од населението го напушта градот, а австроунгарската војска се повлекува. Еден ден, додека стариот трговец Али-хоџа ужива во самотијата и тишината во својот дуќан, наеднаш се слуша голема експлозија. Кога се освестува, тој излегува надвор при што ја здогледува српската војска и дознава дека австроунгарската војска го минирала мостот, уништувајќи го неговиот средишен дел. Потиштен од глетката, тој се упатува кон својто дом, но додека ја искачува угорницата паѓа на улицата, погоден од срцев удар.[5]
Осврт кон романот
[уреди | уреди извор]Во романот „Мостот на Дрина“ се сменуваат неколку века кои ги поврзува еден мост, како врска меѓу Ориентот и Западот. Притоа, мостот им одолева на бурите на историјата, а со својата величественост и со осамената убавина се воздигнува не само над градот, туку и над времето. Мостот е главниот лик на овој роман: тој е сведок на човечките трагедии, неговата ограда е испрскана со човечка крв, немо го набљудува сменувањето на крупните историски епохи и цивилизации. „Мостот на Дрина“ е поетично, уметничко и, истовремено, многу умно дело. Во романот се прикажани епски историски слики заедно со нежни психолошки моменти од човечкиот живот, а во него се соединуваат сите одлики на Андриќ како раскажувач: поетичност во сликањето на човековата трагика, ангажирана мисловност во третманот на големите теми, моќ за длабоко нуркање во човековата психа и голема дарба за портретирање на ликовите и за сликање на околината.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Nikola Mirković - Ivo Andrić - studija, S. B. Cvijanović, Beograd, 1938. godine;
- ↑ Иво Андрић, На Дрини ђуприја. Просвета, Београд, 1955, стр. 5-78.
- ↑ Иво Андрић, На Дрини ђуприја. Просвета, Београд, 1955, стр. 79-130.
- ↑ Иво Андрић, На Дрини ђуприја. Просвета, Београд, 1955, стр. 131-329.
- ↑ Иво Андрић, На Дрини ђуприја. Просвета, Београд, 1955, стр. 330-394.
- ↑ Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 168-169