Ново кино Парадизо (филм)
Ново кино Парадизо (италијански: Nuovo Cinema Paradiso) - италијански филм од 1988 година, во режија на Џузепе Торнаторе, кој е и автор на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Филип Ноаре, Жак Перен, Антоанела Атили, Марко Леонарди, Пупела Маџо, Агнезе Нано, Бриџит Фоси, Леополдо Триесте и Салваторе Кашо. Филмот е снимен во Багерија, родното место на режисерот Торнаторе.[1] Во 1989 година, филмот ја освоил големата награда на жирито на Канскиот фестивал и две Европски филмски награди, во 1990 година освоил „Оскар“ и „Златен глобус“ за најдобар странски филм, а следната година освоил пет награди БАФТА.[2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Во 1988 година, една старица (ја игра Маџо) му телефонира на својот син во Рим, прославениот режисер Салваторе Ди Вита (го игра Перен) за да го извести за смртта на неговиот пријател Алфредо (го игра Ноаре). Тажната вест го поттикнува Салваторе да се присети на своето детство и на младоста: Непосредно по Втората светска војна, малиот Салваторе, наречен Тото (го игра Кашо) живее во мало место на Сицилија, заедно со мајка му (ја игра Атили), а татко му се води како исчезнат на фронтот во Русија. Тото е голем љубител на филмот и често ги следи претставите во локалното кино „Парадизо“, а истовремено му помага на свештеникот (го игра Триесте). Еден ден, кога кино-операторот Алфредо (го игра Ноаре) треба да полага испит, Тото му помага да препише, а за возврат, Алфредо му дозволува да влезе во собата каде се наоѓа апаратот за проекција. Така, Тото одблизу се запознава со кино-техниката и му станува еден вид помошник на Алфредо. За време на една проекција, во киното се случува пожар при што огнот го зафаќа Алфредо, но Тото успева да го спаси во последен миг. Сепак, како последица на изгорениците, Алфредо останува слеп, а неговата работа ја презема Тото. По {[пожар]]от, киното е обновено, а Тото, кој е веќе адолесцент (го игра Леонарди) ја извршува работата со голем жар. Во тоа време, во местото доаѓа девојката Елена (ја игра Нано) и Тото веднаш се вљубува во неа, но таа му кажува дека не го сака. Поттикнат од една приказна на Алфредо, секоја вечер Тото чека пред нејзиниот прозорец, но Елена никогаш не се појавува. Тото ја чека и за време на новогодишната ноќ, но Елена не излегува на прозорецот. Разочаран, тој оди во киното, а таа доаѓа таму и тогаш започнува нивната љубовна врска. Меѓутоа, родителите на Елена се спротивставуваат на врската, бидејќи Тото е сиромашен. По завршувањето на учебната година, Елена се отселува, а Тото заминува во армијата. Тој постојано ѝ пишува писма, но не добива никаков одговор и не знае каде се наоѓа таа. Тогаш, Алфредо го советува да се пресели во Рим, предвидувајќи му успешна кариера. Возрасниот Салваторе присуствува на погребот на Алфредо, кој му остава една ролна со филмски сцени на кои се прикажани бакнежи. За време на престојот во родното место, тој го посетува и киното и се присетува на детството при што повторно ги гледа снимките на Елена што ги направил во младоста. Случајно, тој здогледува една девојка која многу личи на Елена, ја следи и открива дека таа е нејзината ќерка. Тогаш, Салваторе се среќава со Елена (ја игра Фоси) и таа му кажува дека во младоста, во судбоносниот ден, таа дошла во киното и на Алфредо му ја кажала својата адреса, а на Тото му оставила порака, но Алфредо го премолчал сето тоа. Така, Салваторе дознава дека Алфредо е виновникот за неговата пропадната врска со Елена, а потоа тој и Елена водат љубов. Утредента, Салваторе оди во киното и ја наоѓа пораката од Елена, потоа присуствува на уривањето на киното и се враќа во Рим, каде ги гледа сцените од филмовите.
Наводи
[уреди | уреди извор]- Италијански филмови
- Филмови на италијански јазик
- Филмови од 1988 година
- Филмски комедии
- Филмови на Џузепе Торнаторе
- Филмови со Марко Леонарди
- Филмови со Агнезе Нано
- Филмови со Бриџит Фоси
- Филмови со Леополдо Триесте
- Филмови со Салваторе Кашо
- Филмови со Пупела Маџо
- Филмови со Филип Ноаре
- Филмови со Жак Перен
- Филмови со Антоанела Атили
- Филмови чие дејствие се одвива во Сицилија
- Филмови чие дејствие се одвива во Рим
- Добитници на Оскар за најдобар странски филм