Прејди на содржината

Пиво

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пиво во кригла

Пивото е алкохолен пијалак кој настанува со ферментација на скробеста супстанца (житни растенија: јачмен, хмељ), кој не е дестилиран после ферментацијата. Производството на пиво и некои други алкохолни пијалаци често се нарекува превривање (англиски: brewing). Историски, пивото е познато од Старите Египќани и Месопотамци, и датира од пред 4000 г. п.н.е., но овие пива биле апсолутно поинакви од денешните Скопско, Даб, Горско или Хајнекен. Поради тоа што состојките што се користат за производство на пивото се различни од место во место, особините на пивото (типот, вкусот и бојата) многу се разликуваат.

Историја

[уреди | уреди извор]
Повеќе видови на домашно пиво
Кригла со темно пиво

Први пишани остатоци за правење пиво се зачувани на глинени плочи и датираат од пред 6000 години пред наша ера, а потекнуваат од Сумерците. Пиварите во времето на Сумерците биле угледни граѓани.

Во 1985 година група од Националниот шкотски музеј од Единбург пронашле садови од теракота во Рим, кои потекнувале од периодот на неолитот со непознати состојки. Анализата на пронајдокот довела до пијалак за пиво направено од овес, јачмен, мед и папрат.

Овој пијалак, за кој многумина тврдат дека станува збор за храна, се користел уште во праисторискиот период. Го произведувале Келтите, Германците,Словените и Скитите. Тогаш се правело од јачмен, пченица, овес и леќа, а многу стари народи додавале зачини и мед. Хмељот главната состојка на денешното пиво, почнала да се користи дури од XIII век. Пивото во средината на стариот век се конзумирало во повеќе области како Ерменија, Месопотамија и Египет. Од тие подрачја пивото го презеле Грците и Римјаните.

Од старите наоѓалишта и записи, археолозите утврдиле дека старите Вавилонци произведувале пиво во домовите уште пред 7000 години пред наша ера. Имале 16 видови пиво. Во сумерско-вавилонскиот еп за Гилгамеш се спомнува пиво.[1] Одовде се пренело производството на пиво во стар Египет, Персија, Грција и во други земји. Египќаните знаеле да прават пиво уште 2000 години пред наша ера. Артефактите пронајдени во гробници покажуваат дека во стар Египет производството на пиво не било само развиено туку и комерцијализирано. Најстарата слика која прикажува луѓе како пијат пиво потекнува од Египет, 3400 година п.н.е.[1] Грците со прифаќањето на Египетската цивилизација научиле да произведуваат пиво, а по нив Римјаните и останатите европски земји. На европскиот континент пивото се пренело со доаѓањето на Келтските племиња од Азија, некаде околу 1000 година п.н.е. Во тоа време пивото е правено од шеќер, но без хмељ, така што добиениот производ бил прилично кисел. Тогаш во пивото додавале различни треви – пелин, лупин, глог, качунка и други. Примената на хмељот претставува важно откритие и темел на современа технологија за пиво. Хмељот првпат почнал да се користи во Новогорска Русија. Зборот пиво (бира, биер, бер, бицре) настанал во манастирите некаде помеѓу VI и VII век, во времето кога при варењето на пиво почнало да се дедоава хмељ. Во средниот век со произведување на пиво се занимавале калуѓерите. Калуѓерите биле првите кои додале хмељ во пивото – од медицински причини, но и поради подобра конзервација. Било прогласено за ,,Христијански лековит напиток“, за да се вклучи во калуѓерската храна, а било дозволено да се пие и за време на пости. Нема податоци за тоа дека се произведувало во православни манастири.

Усовршувањето на парната машина се одразило во пиварството. Благодарение на најважните научно-технички достигнувања во XIX век, поставени се основите на претворањето од мали работилници во големи фабрики за пиво. Најголеи производители се Германија, Велика Британија, САД, а по нив Чешка, Белгија и Ирска.

Пиво во законот

[уреди | уреди извор]

Пивото се појавило во првиот пишан закон на светотХамурабиевиот законик вели: ,,Пивото не смее да содржи премногу вода и не смее да се продава по превисока цена”. Во законот стои дека ако на гостинот не му се наплаќа со жито, туку со пари, се мами со тежината или точи неубаво пиво, треба да се повика на одговорност и да се фрли во вода. Во пивница жена може да точи пиво, но не и да биде гостинка.

Се знае дека во тоа време пивото било една секојдневна потреба за да се изгаси жедта, но и поради неговите енергетски вредности. Копачите на канали и мажите кои работеле в поле добивале дневно до пет литри пиво, а жените кои работеле тешки физички професии два до три литри пиво.

Предание

[уреди | уреди извор]

Постои приказна која кажува како луѓето го откриле пивото. Поточно еден пекар го заборавил тестото кое го направил на сонце и тоа се претворило во течност. Вкусот на оваа течност кој бил кисел и горчлив ми се допаднал на пекарот.[1]

Според мислењата на научниците, пивото влијаело на прекинот на номадскиот живот на луѓето. Откривањето на пивото било потребно за да се одгледува жито, што не било возможно со непрекинатите селидби. Овие случки се визија за почеток на човековиот вид.[1]

Добивање

[уреди | уреди извор]

Предлошка:Главни чланак

Се произведува со алкохолно вриење од слад, хмељ, вода и пивски квасец. Водата служи како растворувач. Сладот се добива од житарици, најчесто од јачмен. Хмељот има улога на конзерванс и му дава соодветен мирис и горчлив вкус на пивото, додека пивскиот квасец предизвикува шеќерот да премине во алкохол и јаглерод диоксид. Производството на пиво се дели на:

  • технологија слад
  • технологија пиво

Технологијата за припремање на сладот опфаќа:

  • чистење и сортирање на јачмен
  • натопување и 'ртење
  • сушење на зелениот слад
  • ослободување на сладот од нечистотии
  • полирање

Технологијата за производство на пиво опфаќа:

  • призводство на слад
  • главно и споредно испарување
  • бистрење и полнење на пиво

Состав на пивото

[уреди | уреди извор]

Состојки на пивото се: вода, етанол, јаглерод диоксид и екстракт од слад. Улогата на етанолот зависи од концентрацијата на сувата материја во сладот од која е произведено пивото и степенот на варење. Во зависност од видот на пивото, влијанието на алкохолот може да биде различен т.е. помал од 0,5% кај безалкохолните пива и поголем од 8% кај алкохолни пива. Лагерот на пивото содржи до 0,5% јаглерод диоксид, кој му дава свежина, и има силно влијание во пенливоста. Стабилноста на пената зависи од концентрацијата и хемискиот состав на непреврелиот дел од екстрактот, според тоа пивото со повеќе екстракт повеќе се пени. Колку долго пената ќе стои во чашата зависи од количината и хемискиот состав на екстрактот. Пожелно е пивото кога се тура во чаша да се пени за оваа густа и цврста пена да се задржи на површината најмалку 3 минути. Меурите на јаглерод диоксидот кој одат, од дното кон површината на чашата помагаат за одржување на пената. Екстрактот за пиво претежно го прават јаглехидратите и мала количина белковини, аминокиселини, глицерини и составните делови на хмељот. Од составот на екстрактот зависи вкусот на пивото. Хемискиот состав на екстрактот не зависи само од класата на сладот, туку и од начинот на производство на сладот и на самата ферментација. Енергетска вредност на еден литар стандардно пиво одговара на енергетска вредност од еден литар полномасно млеко.

Производство и потрошувачка на пиво

[уреди | уреди извор]

Најголеми потрошувачи на пиво во Европа се Чесите, кои, во 2013 година, во просек, пиеле по 144 литри, годишно, што претставува намалување во споредба со 2003 година, кога просечната потрошувачка во Чешката република изнесувала 160 литри, годишно.[2] Во 2017 година, Чесите повторно биле најголеми потрошувачи на пиво (околу 140 литри по глава на жител), а по нив следувале Полјаците (98 литри), Германците (96 литри), Австријците (95,46 литри) и Литванците (92 литри). Во Македонија, просечната потрошувачка на пиво во 2017 година изнесувала 28,8 литри, што претставувало намалување во споредба со 2012 година, кога таа изнесувала 32 литри.[3]

Во Европа, бројот на производителите на пиво се зголемил од 3.600 во 2010 година на 7.500 во 2017 година. Притоа, вкупното европско производство на пиво во 2017 година изнесувало 38 милијарди литри, а потрошувачката изнесувала 355 милијарди литри. Од даночните давачки со кои се оптоварува пивото во Европа биле собрани приходи од 40 милијарди евра.[4]

Цени на пивото

[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, просечната цена на пивото (шише од 0,33 литри) во супермаркетите во европските градови изнесувала: 1,78 фунти во Рејкјавик, 1,76 фунти во Осло, 1,24 фунти во Стокхолм, 1,22 фунти во Женева, 1,14 фунти во Копенхаген, 1,03 фунти во Ливерпул, 0,98 фунти во Лозана, 0,91 фунти во Брисел, 0,82 фунти во Лондон, 0,75 фунти во Љубљана, 0,7 фунти во Ница, 0,64 фунти во Малага, 0,60 фунти во Варшава, 0,56 фунти во Милано, 0,51 фунти во Берлин и Париз, 0,46 фунти во Хаг, 0,42 фунти во Минхен, 0,35 фунти во Братислава и 0,28 фунти во Будимпешта.[5]

Оданочување на пивото

[уреди | уреди извор]

Во однос на оданочувањето на пивото, во ЕУ, минималната акциза на пивото е одредена на нивото од 1,87 евра на хектолитар по алкохолен степен при што секоја земја-членка има право самостојно да ја определи својата акциза. Во Македонија, во јули 2013 година, акцизата била зголемена од 300 на 400 денари (6,5 евра) по еден хектолитар. Тоа значи дека оданочувањето на пивото во Македонија е поголемо од ругите земји на ЕУ. Така, во јули 2017 година, во Македонија, акцизата на еден хектолитар пиво со јачина од пет степени изнесувала 32,5 евра, додека во другите земји на ЕУ акцизата се движела од 28,8 евра во Кипар, 25,22 евра во Унгарија, 24 вера во Австрија, 22,03 евра во Полска, 14,69 евра во Чешка, 9,96 евра во Шпанија, 9,44 евра во Германија, 9,2 евра во Бугарија и 8,63 евра во Романија.[6]

Пивото како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „Пена од пиво“ — кус расказ на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска од 2018 година[7]
  • „Кој ми го истури пивото“ (англиски: Who spilt my beer) - песна на британската панк-рок група Адиктс (The Adicts).[8]
  • „Ода за моето омилено пиво“ (англиски: Ode to my favorite beer) - песна на американската музичка група Бејсхед (Basehead) од 1992 година.[9]
  • „Лименка пиво“ (англиски: Beercan) — песна на американскиот рок-музичар Бек (Beck) од 1994 година.[10]
  • „Пакување од шест“ (англиски: Six pack) - песна на американската хард-кор група Блек флег (Black Flag) од 1981 година.[11]
  • „Пиеме пиво“ — песна на македонската хард-кор група Голем одмор.[12]
  • Студено пиво“ (хрватски: Hladno pivo) - хрватска рок-група.[13]
  • „Еден бурбон, едно виски, едно пиво“ (англиски: One Bourbon, One Scotch, One Beer) - песна на американскиот блуз музичар Џон Ли Хукер (John Lee Hooker) од 1995 година.[14]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • „Блиц панорама“ – „Истине и заблуде о пиву“ број 96, стр. 4 и 5, 12.10.2008.
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Политикин забавник број 2963; датум: 21.11.2008. страна 62. Издаје и штампа: Политика АД.
  2. „Чесите годишно пијат по 144 литри пиво“, Дневник, година XVIII, број 5439, петок, 11 април 2014, стр. 13.
  3. Мирче Јовановски, „Македонија на дното според потрошувачката на пиво“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 24.
  4. Мирче Јовановски, „Македонија на дното според потрошувачката на пиво“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 26.
  5. Мирче Јовановски, „Македонија на дното според потрошувачката на пиво“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 27.
  6. Мирче Јовановски, „Македонија на дното според потрошувачката на пиво“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 25-27.
  7. Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 14.
  8. YouTube, The Adicts- Who Spilt My Beer? (пристапено на 29.12.2016)
  9. Basehead - Ode To My Favorite Beer (пристапено на 14.12.2016)
  10. DISCOGS, Beck – Mellow Gold (пристапено на 10.9.2022)
  11. Black Flag, Damaged. SST Records CD 007.
  12. Голем Одмор - Пиеме Пиво (Raw Demo) (пристапено на 25.1.2023)
  13. Discogs, Hladno Pivo (пристапено на 26.11.2020)
  14. Discogs, John Lee Hooker ‎– Chill Out (пристапено на 26.11.2020)