Сладолед
Сладолед (ладен крем) — замрзнат десерт којшто се прави од мраз, најчесто од млечни производи како млеко или павлака, во комбинација со овошје или други состојки и вкусови. Повеќето видови сладолед содржат шеќер, но некои од нив се направени и со други засладувачи. Понекогаш се користат вештачки вкусови и бои како додатоци или замена на природните состојки. Смесата од избраните состојки се меша полека додека се лади со цел да се соедини воздухот и да се спречи создавање на големи кристали мраз. Резултатот е благ вкус на полуцврста пена од која може да се формираат топчиња.
Значењето на поимот „сладолед“ се разликува од една до друга земја. Поимите како „замрзнат крем“, „замрзнат јогурт“, „шербет”, „џелато“ и други, се користат за издвојување на различни видови и стилови. Во некои земји, како САД, поимот “сладолед” се однесува само на посебен вид и повеќето влади ја регулираат комерцијалната употреба на повеќе видови сладолед во согласност со релативната количина на главните состојки. Во другите земји, како Италија и Аргентина, еден збор се користи за сите видови на сладолед. Сличните видови на сладолед кои се прават од други млечни производи, како козјо и овчо млеко или други течности кои ќе го заменат млекото, се достапни за оние кои не можат да конзумираат лактоза, се алергични на млечни белковини и/или за вегетаријанците.
Историја
[уреди | уреди извор]Претходници на сладоледот
[уреди | уреди извор]Во Персија, луѓето ставале снег во длабок сад и врз него налевале концентрат од сок од грозје и го јаделе со задоволство, особено во жешките летни денови. Снегот најчесто се чувал во подземни простори познати како „јакчал“ кои го задржувале снегот во замрзната состојба или пак, го собирале од врвовите на планините кај денешните Хагматана, Екбатана и Хамадан. 400 години пред новата ера, Персијците се обиделе да создадат нешто ново и измислиле извонредно добра ладна храна, направена од вода од роза и фиде, која се служела на кралските семејства во текот на летото. Мразот се мешал со шафран, овошјe и разни други вкусови.
Древните цивилизации служеле мраз како ладна храна илјадници години. БиБиСи објави дека замрзната мешавина од млеко и ориз се јадела во Кина 200 години п.н.е. Римскиот цар Нерон (37-68 г.) го донел мразот од планините и го комбинирал со овошни преливи. Овие претставувале едни од првите ладни деликатеси. Арапите можеби се првите кои го користеле млекото како главна состојка во производството на сладолед. Го засладувале со шеќер наместо со овошни сокови и ги усовршиле средствата за комерцијално производство. Уште во десеттиот век, сладоледот бил широко распространет во повеќето големи градови во арапскиот свет – Багдад, Дамаск и Каиро. Се правел со млеко или павлака, многу често и со јогурт и се додавало вкус на вода од роза, сушени овошја и ореви, бадеми и лешници. Се верува дека рецептот се основа на постари староарапски, месопотамски, грчки или римски рецепти, кои најверојатно се претходници на персискиот ладен десерт (фалуда).
Магелон Тусен-Самат во нејзината “Историја на храната” тврди дека “Кинезите се најзаслужни за создавање на направата за правење шербет и сладолед. Тие ставале мешавина од мраз и шалитра врз внатрешните делови на садовите кои биле полни со сируп, бидејќи како што солта ја зголемува точката на вриење на водата така и ја намалува точката на мрзнење до под нулата.” (Тусен не наведува историска документација за тоа.) Во некои документи пак е наведено дека за времевладеењето на Императорот Јингцонг од Династијата Сонг (960-1279 г.) во Кина, била напишана поемата “詠冰酪” (Ода за леденото сирење) чиј автор е Јанг Ванли. Всушност, оваа поема била наречена “詠酥” (Ода за тестото; 酥 е еден вид на храна кој повеќе наликува на тесто во западниот свет) и нема никаква врска со сладоледот. Исто така, Тусен тврди дека во Династијата Јуан, Кублај Кан уживал во вкусот на сладоледот и неговиот рецепт бил достапен само за кралевите сè додека Марко Поло не ја посетил Кина и го пренесол начинот на правење сладолед во Италија. Во шеснаесеттиот век, императорите од Могулското Царство им давале наредба на голем дел од своите коњаници да донесат мраз од Хиндукуш до Делхи, каде се користел за правење на сорбет.
Се верува дека, кога италијанската војвотка Катерина де Медичи се омажила за Војводата од Орлеанс во 1533 година, со неа однела во Франција неколку италијански готвачи кои го знаеле рецептот за приготвување на сорбет и на сладолед со разни вкусови. Сто години подоцна, Чарлс I од Англија, наводно толку многу бил импресиониран од “замрзнатиот снег” што му понудил доживотна пензија на својот готвач кој му го приготвувал сладоледот во замена да не ја издаде тајната формула, за да може сладоледот да биде исклучиво кралска привилегија. Не постојат историски докази за да ги поддржат овие легенди, кои се појавиле во XIX век.
Првиот рецепт за мраз со различни вкусови во Франција, се појавува во 1674 година, во “Збирка на ретки љубопитства и новости за најдобрите ефекти од природата”, напишана од Николас Лемери. Рецептот за сорбет бил објавен во 1694 година од страна на Антонио Латини во книгата “Модерен домаќин”. Латини тврди дека резултатот постигнат од неговите рецепти треба да содржи доволна количина на шеќер и снег, во спротивно нема да се постигне саканиот резултат.
Вистински сладолед
[уреди | уреди извор]Рецептите за сладолед најпрво се појавиле во осумнаесеттиот век во Англија и Америка. Рецепт за сладолед бил објавен во “Рецептите на госпоѓа Мери Ил” во Лондон во 1718 година.
Во САД, сладоледот го донеле Квекерите. Слаткарите продавале сладолед во продавниците во Њујорк и другите градови за време на колонијалната ера. Бенџамин Франклин, Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон се познати по тоа што редовно јаделе сладолед. Исто така и првата дама Доли Медисон тесно се поврзува со почетокот на историјата на сладоледот во САД. Една многу позната приказна вели дека, како сопруга на претседателот на САД - Џејмс Медисон, таа служела сладолед на неговиот свечен бал во 1813 година.
Околу 1832 година, Август Џексон, африканско-американски слаткар, не само што напишал повеќе рецепти за сладолед, туку и измислил нов, извонреден начин на правење сладолед.
Во 1843 година, Ненси Џонсон од Филаделфија го создал првиот американски патент за мал фрижидер за сладолед кој рачно се управува. Американците создале нов вид на десерт - сладолед со сок, со што се зголемила популарноста на сладоледот. Се претпоставува дека овој ладен десерт бил изум на Роберт Грин во 1874 година, иако не постои убедлив доказ кој би го поткрепил тоа тврдење.
Сладоледот со овошје, лешници и ореви потекнува од крајот на XIX век. Неколку луѓе тврдат дека го создале првиот таков сладолед, но не постојат цврсти докази со кои би се докажале нивните приказни. Некои извори велат дека сладоледот бил измислен со цел да се избегнат сините закони (закони во САД со кои се контролира работењето во недела, продажба на алкохол и сексуално однесување), со кои се забранувало продавање на сок во недела. Градовите кои тврдат дека се родно место на сладоледот со овошје, лешници и ореви се Бафало, Њујорк; Ту Риверс, Висконсин; Итака, Њујорк; и Еванстон, Илиноис. И сладоледот во корнет и банана сплит (преполовена банана прелиена со сладолед/шлаг) станаа познати во почетокот на дваесеттиот век. Неколку продавачи тврделе дека го измислиле корнетот на светскиот саем во Сент Луис, Мисури во 1904 година. Европејците јаделе корнет многу порано од 1904 година.
Во Велика Британија, сладоледот претставувал скап и редок десерт сè додека не почнале да се увезуваат големи количини на мраз од Норвешка и САД во средината на викторијанската ера. Швајцарско-италијанскиот стопанственик, Карло Гати, го отворил првиот киоск за сладолед пред станицата Черинг Крос во 1851 година, продавајќи топчиња сладолед за едно пени.
Историјата на сладоледот во дваесеттиот век е една од најголемите промени која придонесе за поголема достапност и популарност. Во САД во почетокот на дваесеттиот век, сладоледот со сок бил популарен десерт во продавниците за сок, продавниците со сифонот за сода-вода и киосците за сладолед. За време на прохибицијата во САД, продавниците со сифонот за сода-вода ги замени незаконските барови и салони до одреден степен.
Сладоледот стана популарен низ целиот свет во втората половина на дваесеттиот век откако почна се почесто да се употребува замрзнувачот. Се отвориле илјадници продавници за сладолед од илјадници видови и вкусови. Продавачите си конкурирале едни на други со тоа што постојано измислувале нови видови. Во рестораните на Хауард Џексон имало реклами за “свет од 21 вкус”. Баскин-Робинс направиле сладолед со 31 различен вкус - “еден за секој ден од годината”, и тоа претставувало основата на нината стратегија за маркетинг. Компанијата тврди дека денес има создадено околу 1000 видови на сладолед.
Една значајна промена во дваесеттиот век беше измислувањето на мек сладолед. Еден тим за хемиско истражување во Велика Британија (во кој членувала и Маргарет Тачер) открил метод за удвојување на количината на воздух во сладоледот, со што им се овозможувало на произведувачите да употребуваат помалку од потребните состојки и да ги намалат трошоците за производство на истиот. Со тоа се овозможило создавање на машина за мек сладолед во кој корнетот се полни со сладолед преку чеп. Во САД, Дејри Квин (Dairy Queen), Карвел (Carvel) и Тести-Фриз (Tastee-Freez) биле предводници во создавањето на ланци на ресторани во кои се служело мек сладолед.
Технологиските изуми како овие погоре доведоа до употреба на повеќе различни видови на прехранливи адитиви во сладоледот, како што е стабилизирачкиот агенс глутен, кои некои луѓе не можат да го конзумираат. Токму поради овој факт, во последно време голем број на компании почнаа да произведуваат сладолед кој не содржи глутен.
Во осумдесеттите години повторно почна да се произведува сладолед по старите рецепти, оној добро познатиот, густ сладолед кој се продавал како “премиум” и “суперпремиум” од страна на компаниите Бен и Џери (Ben & Jerry’s) и Хаген-Дас (Häagen-Dazs).
Производство
[уреди | уреди извор]Пред да се измисли модерниот начин на замрзнување, сладоледот претставувало луксуз кој се служел само во посебни пригоди. Правењето сладолед претставувал исклучително тежок и долг процес; луѓето сечеле мраз од езерата во зима и го чувале во дупки во земјата или пак во мали куќички за мраз кои биле направени од дрвја или тули, изолирани со слама. Многу фармери и сопстеници на плантажи, вклучувајќи ги и американските претседатели Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон, го сечеле и чувале мразот во зима за да го употребуваат во лето. Фредерик Тудор од Бостон, сечењето мраз и неговото дистрибуирање го претвори во голем бизнис. Сечел мраз во Нова Англија и го дистрибуирал низ целиот свет.
Сладоледот се правел рачно во голем сад сместен во корито исполнето со мраз и сол. Ова се нарекувал процес на замрзнување на садот. Француските слаткари го подобриле овој начин на правење сладолед и го правеле сладоледот во специјализиран сад - маталка. Во овој процес, температурата на состојките се намалува од мешавината од мраз и сол. Солената вода се лади поради мразот а солта во допир со мразот доведува до негово (делумно) топење, апсорбирајќи ја латентната температура и доведува мешавината да постигне температура под точката на мрзнење на чистата вода. Така наполнетиот сад може да постигне подобар термален контакт со солената вода и мразот отколку само со мраз.
Рачната маталка, која исто така користи мраз и сол за ладење, го замени процесот на замрзнување на садот. Вистинското потекло на рачниот ладилник е непознато, но првиот патент за таков апарат за домаќинство во САД бил издаден од Ненси Џонсон на 9 септември 1843 година. Со рачната маталка сладоледот бил помек отколку оној кој се правел во рачниот фрижидер а воедно и начинот на изработка бил побрз. Многу пронаоѓачи ги патентирале подобрувањата на дизајнот на Џонсон.
Порано, во Европа и Америка, сладоледот се произведувал и продавал од страна на малите бизниси, а најмногу слаткарите и угостителите. Џејкоб Фасел од Балтимор, Мериленд бил првиот кој почнал да произведува сладолед во поголеми количини. Фасел купувал свежи млечни производи од фармерите во округот Јорк, Пенсилванија и потоа ги продавал во Балтимор. Често, заради непостојана побарувачка за неговите млечни производи му останувало и вишок шлаг од кој подоцна правел сладолед. Тој ја изградил првата фабрика за сладолед во Севн Валис, Пенсилванија во 1851 година. Две години подоцна, ја преместил фабриката во Балтимор. Подоцна, тој изградил фабрики и во неколку други градови и ги учел другите кои имале сопствени фабрики како успешно да го водат бизнисот. Сериското производство ја намали цената на сладоледот и ја зголеми неговата популарност.
Со развојот на индустриското ладење од страна на германскиот инженер Карл вон Линд во седумдесеттите години на осумнаесеттиот век се исфрлила потребата од сечење и чување мраз бидејќи веќе во 1926 година, процесот на ладење бил совршено усовршен. Со тоа, се овозможило комерцијално сериско производство на сладолед, а воедно се родила и модерната индустрија за правење сладолед.
Домашниот сладолед најчесто се правел со миксер, во денешно време тоа е електричен апарат кој ја мати смесата за сладолед и потоа се става во фрижидер за да се замрзне. Некои поскапи модели имаат вграден елемент за замрзнување. Некои рецепти за правење на домашен сладолед вклучуваат додавање на течен азот во смесата додека истата се мати со лажица или лопатче. Други пак, најпрво налагаат правење на пудинг во кој потоа се додава шлаг пена и веднаш се става во фрижидер да се замрзне.
Достава
[уреди | уреди извор]Сладоледот може да се произведува сериски и на тој начин е достапен во развиените делови од светот. Сладоледот може да се купи во големи картонски кутии од супермаркетите и продавниците, од продавниците за сладолед во помали количини, драгстори и млечни ресторани или од приватни сопственици на мали колички или камиончиња на јавни настани. Во Турција и Австралија, сладоледот понекогаш се продава на плажа во мали моторни чамци во кои има мали фрижидери. Некои доставувачи на сладолед продаваат сладолед од колички или камиончиња (кои во САД најчесто се нарекуваат “камиончиња за сладолед”) од кои се слуша детска музика.
Нутриционистички факти
[уреди | уреди извор]Сладоледот може да се најде во следниов состав:
- повеќе од 10% млечна масленост и најчесто помеѓу 10% и 16% масленост во некои сладоледи со побогата содржина
- од 9% до 12% млечни безмасни екстракти: оваа состојка содржи белковини (казеин и белковини од сурутка) и јаглехидрати (лактоза)
- од 12% до 16% засладувачи: најчесто кобинација од сахароза и гликоза (заснована на засладувачи од пченка)
- од 0.2% до 0.5% стабилизатори и емулгатори
- од 55% до 64% вода која се создава од млекото или од другите состојки
Процентуалноста на овој состав е според грамажата на едно пакување сладолед. Дури и состојките со ниска масленост имаат висока калорична вредност: безмасната карамела од ванила кои ја продаваат во Бен и Џери содржи 150 калории бидејќи содржи големи количество шеќер.
Сладолед ширум светот
[уреди | уреди извор]Аргентина
[уреди | уреди извор]Традиционалниот аргентински сладолед хеладо (helado), кој е многу сличен на италијанскиот сладолед е многу популарен десерт во Аргенитна за разлика од индустрискиот сладолед кој е направен по американски рецепт и се продава низ супермаркетите, рестораните, киосците, улиците и плажите. Најпознатите производители на сладолед во Аргентина се Фредо (Freddo), Персико (Persicco), Чунго (Chungo) и Мунчи (Munchi) и сите тие се наоѓаат во Буенос Аирес. Во секој град има киосци за сладолед кои нудат широк асортиман на млечни и сладоледи засновани на вода. Во Аргентина има многу видови на сладолед, но традиционалниот а и воедно најпопуларен вид е дулче де лече (dulce de leche - сос со вкус на карамела), кој стана многу популарен ширум светот а поготово во САД.
Има два вида на киосци за сладолед во Аргентина: оние кои продаваат поевтин сладолед бидејќи е направен со вештачки состојки (како Хеларте (Helarte) и Пурило (Purilo)) и оние кои продаваат сладолед кој се прави со природни состојки. Најчесто, тие киосци имаат залепено лого со корнет и буквите НА. Во Аргентина нема правила за тоа колку млеко треба да има во сладоледот. Всушност, сите киосци на сладолед нудат сладолед направен и од млеко и од вода (helado a la crema и helado al agua).
Во Арентина, најчесто се служи два вида вкусови на корнет и сладолед во чаша. Исто така, повеќето киосци за сладолед нудат десерти со сладолед како Швајцарски бонбон (шлаг крем од ванила и дулче де лече со чоколаден прелив и лешници), Шкотски бонбон (ист како и Швајцарскиот бонбон, но овој е чоколаден сладолед со прелив од бело чоколадо), Касата (сладолед со вкус на јагода, ванила и чоколадо) и Алмендрадо (сладолед од бадеми посипан со пралина од бадеми).
Австралија и Нов Зеланд
[уреди | уреди извор]Австралија и Нов Зеланд се меѓу водечките потрошувачи на сладолед во светот, јадејќи 18 до 20 литри по жител годишно. На прво место се наоѓа САД, каде луѓето јадат по 23 литри годишно. Најпознатите производители на сладолед се Тип Топ (Tip Top), Стритс (Streets), Питерс (Peters), Сара Ли (Sara Lee), Кадбери (Cadbury), Баскин-Робинс (Baskin-Robbins) и Меги Бир (Maggie Beer). Во Нов Зеланд, Австралија и Јапонија е многу популарен хоки поки (hokey pokey), вид на сладолед кој потекнува од Нов Зеланд.
Кина
[уреди | уреди извор]Во Јужна Кина постои еден вид на ладен десерт кој се прави од зелен грав, по текстура многу сличен на сладоледот. Гравот се накиснува и потоа се вари заедно со млеко и шеќер.
Покрај популарните вкусови на ванила, чоколадо, кафе, манго и јагода, многу кинески произведувачи на сладолед создадоа нови видови како црн сусам и црвен грав.
Во поново време, слаткарниците во Хонгконг и Тајван служат сладолед наречен “месечина” за време на Есенскиот фестивал (месечев фестивал).
Франција
[уреди | уреди извор]Во 1651 година, Италијанецот Франческо деи Колтели отвори продавница за сладолед во Париз и производот стана многу популарен и за време од педесет години се отворија уште 250 продавници за сладолед ширум Париз. Некои луѓе јадат торта-сладолед во округла или форма на срце за Нова Година.
Германија
[уреди | уреди извор]Еден од првиот добро познат италијански киоск за сладолед “Ајсдиле” бил отворен во Минхен (Германија) во 1879 година, а бизнисот го водел семејството Сарчлети. Оттогаш, овој семеен бизнис се предавал од колено на колено (денес, го носи името Udo’s Eisparadies во Куфштајн, Австрија; основан од Удо Свен Плеснер, син на филмскиот продуцент Жозеф Плеснер и Силвана Сарчлети Плеснер, ќерка на Ото Сарчлети). Од 1920 година, кога многу Италијанци емигрирале и почнале да основаат свои сопствени бизниси, традиционалните киосци за сладолед станале многу популарни.
Бидејќи во денешно време индустрискиот сладолед сè повеќе се продава во традиционалните киосци за сладолед, тешко е да се забележи разликата помеѓу рачно направениот и индустрискиот сладолед. Но кога треба да се направи разлика во вкус, разликата помеѓу свежо направен сладолед и оној индустрискиот е иста како и онаа помеѓу свеж и индустриски леб. Свежиот сладолед има поубав вкус од индустрискиот бидејќи тој е порафиниран и помалку вкусен.
Грција
[уреди | уреди извор]Сладоледот со својата модерна форма е релативно нов изум. Ледените десерти се популарни уште од антички времиња. Во петтиот век пред новата ера, античките Грци јаделе мраз помешан со мед и овошје на пазарите во Атина. Хипократ, таткото на модерната медицина, ги охрабрувал своите пациенти да јадат мраз бидејќи “ја оживува крвта и ја подобрува благосостојбата”. Во четвртиот век пред новата ера, сите знаеле дека дека омилен десерт на Александар Македонски бил мраз помешан со мед и овошен сируп. Денес, грчките рецепти за сладолед имаат уникатни вкусови како Пагото Каимаки (Παγωτό Καϊμάκι), кој се прави од ароматична смола поради која сладоледот мора да се џвака и салеп, кој се користи како агенс за згуснување со цел сладоледот да биде поотпорен на топење; сладолед со маслиново масло и смокви; Пагото Катаифи-какао (Παγωτό Καταΐφι-κακάο), кој се прави од сецкано тесто за кори или од фиде; Мавродафни (Μαυροδάφνη Παγωτό), кој се прави од грчко десертно вино. Во Грција, сладоледот најчесто се служи со овошје.
Индија
[уреди | уреди извор]Уличните продавачи на сладолед продаваат матка кулфи (matka kulfi), млечен сладолед со оригинален вкус кој се прави само во одредени региони, со кремаста жолта боја кој е многу популарен бидејќи воедно е и многу евтин.
Но, големите компании продаваат и сладоледи со вкус на чоколадо и ванила.
Малаи бараф (malai baraf) е вид сладолед кој најчесто се продава во текот на летото и се прави од мраз прелиен со сок од лимон и шеќер и се служи во пластични чаши.
Италија
[уреди | уреди извор]Италијанскиот сладолед, уште попознат како џелато, е традиционален десерт во Италија. Повеќето слаткари сè уште го прават рачно со вкус карактеристичен за секоја слаткарница посебно. Џелато се прави од млеко, шеќер, понекогаш јајца и природни вкусови. Најчесто, џелатото содржи 7-8% масленост за разлика од сладоледот чиј минимум е 10%. Пред корнетот да стане популарен, во земјите кои се од англиско говорно подрачје, италијанските улични продавачи на сладолед го служеле во мали стаклени чинии кои се нарекувале пени лик (penny lick) или пак замотани во восочна хартија уште попозната како хоки-поки (hokey-pokey) (се верува дека изразот е преземен од италијанскиот “ecco un poco” што во буквален превод би значело “повелете малку (сладолед)”). Најпознати произведувачи на џелато се секако италијански компании - Карпиџани (Carpigiani), Корема-Телме (Corema-Telme), Текноџел (Technogel), Катабрига (Cattabriga), Матрица (Matrix) и Промаг (Promag).
Иран
[уреди | уреди извор]Фалуда или палуда, е персиски десерт кој се прави од тенко фиде замрзнат со пченкарен скроб, вода од роза, сок од зелен лимон и ф'стаци. Тоа е традиционален десерт во Иран и Авганистан. На Индискиот Потконтинент го донеле во времето на Могулите.
Фалуда е еден од првите видови на замрзнат десерт, кој постои уште од 400тата година пред новата ера. Се носело мраз од високите планини и истиот се чувал во високи простории наречени јакчал.
Исто така, постои и пијалак наречен фалуда, но тој се прави од сосема различни состојки.
Јапонија
[уреди | уреди извор]Сладоледот е популарен десерт во Јапонија и според едно истражување од 2007 година, двајца од пет возрасни луѓе, јадат сладолед барем еднаш неделно. Уште од 1999 година, Здружението за сладолед во Јапонија го издава списанието “Бела книга” еднаш годишно, според кој Јапонците имаат четири омилени вкусови на сладолед. Според популарноста, вкусовите одат вака: ванила, чоколадо, мача (зелен чај во прав) и јагода. Други вкусови на сладолед кои ги сакаат Јапонците, според списанието се млеко, карамела и азуки (црвен грав). Азуки го сакаат најмногу луѓето во своите 50-ти години, па и оние постарите.
Шпанија
[уреди | уреди извор]Сладолед, сличен на оној италијанскиот џелато, може да се купи во многу продавници за сладолед ширум Шпанија. Најчесто, вкусовите ги претставуваат регионите од кои потекнуваат а тоа се ната, каталонски крем и тирамису. Исто така, постојат и индустриски произведувачи како Фриго ((Frigo), чиј сопственик е Унилевер (Unilever)), Ками (Cami), Авидеса (Avidesa), Ла Мајоркина (La Mallorquina) кои се дел од интернационални групации. Индустриските произведувачи исто така прават и сендвичи од сладолед и поло - сладолед на стапче како што е Магнум, но понекогаш ги прават во чудни облици како фригопие, кој има форма на стапало.
Со пристигнувањето на аргентинските занаетчии по “коралито” кризата (неформално име за економски мерки преземени во Аргентина кон крајот на 2001 година, со цел да се затвори некоја банка, кои целосно стапиле во сила за една година. Со “коралито” речиси целосно се замрзнале банкарските сметки) пристигна и нов вкус на сладолед - дулче де лече.
Во Шпанија, сладолед најчесто се јаде во летниот период, за разлика од Северна Европа, каде сладоледот се конзумира во текот на целата година. Па затоа, некои продавници за сладолед се претвораат во кафетерии за топло чоколадо во зима.
Турција
[уреди | уреди извор]Дондурма (на турски значи “заледено”) се нарекува сладоледот во Турција. Најчесто, дондурма се прави од млеко, шеќер, салеп и ароматична смола. Се претпоставува дека потекнува од еден регион во Турција наречен Караманмараш и затоа е познат и под името мараш сладолед. Турскиот сладолед разликува два квалитета: состав и отпорност на топење. Салепот, вид на брашно кој се добива од раната виолетова орхидеја, и арматичната смола придонесуваат сладоледот да може да се џвака.
Регионот Караманмараш е познат по мараш дондурма (maraş dondurması), вид на сладолед кој содржи многу повеќе салеп од вообичено; сладолед кој поради својот цврст и леплив состав, понекогаш се јаде со виљушка и нож.
Велика Британија
[уреди | уреди извор]Во Велика Британија, 14 милиони возрасни луѓе го јадат сладоледот како десерт. Производот може да се продава како 'сладолед' ако содржи 5% масленост и не помалку од 2.5% млечни белковини, но може да содржи зеленчукова масленост и маст од немлечно потекло, во најчест случај тоа е хидрогенизирано масло од јатка од палма; правило кое се практикува повеќе од сите останати земји. Само вистинскиот сладолед кој се прави само од млечна масленост може да се опише како млечен сладолед и многу компании сакаат зборот млечен да биде видливо прикажан на пакувањата и рекламите.
Соединети Американски Држави
[уреди | уреди извор]Во САД, сладоледот кој се прави само од шлаг, шеќер и арома (најчесто овошна арома) понекогаш се нарекува и “сладолед на филаделфиски начин”. Сладоледот кој се прави со јајца, во форма на замрзнат крем, се нарекува “француски сладолед” или пак “традиционален сладолед”.
Американските федерални стандарди за етикетирање бараат сладоледот да содржи минимални 10% на млечна масленост (околу 7 грама маселност на половина чаша сладолед), 20% млечни екстракти и да содржи помалку од 1.4% екстракти од жолчка. Федералните регулативи кои се поврзани со процесот на правење сладолед, дозволените состојки и стандарди може да се најдат во Правилникот за федерални регулативи.
Сладоледот е многу популарен десерт во САД. Годишно, Американците јадат повеќе од 13 литри сладолед по лице, најмногу во цел свет. Како прехранбен производ, длабоко се вкорени во американските срца и се јаде уште од самото негово измислување во 1776 година: постојат податоци дека тогаш, Томас Џеферсон ги служел своите гости сладолед како еден вид на многу редок и скап десерт, во својот дом во Монтичело. Во супермаркетите и големите продавници низ Америка, може да се најдат огромни фрижидери полни со сладоледи и други слични производи.
Иако чоколадото, ванилата и јагодата традиционално се најомилените вкусови и се еднакво популарни, сепак ванилата прерасна во најомилен вкус на Американците најверојатно бидејќи се употребува како прелив на овошните пити и е основна состојка на милкшејкот. Според Меѓународната асоцијација за сладолед (1994 година), низ супермаркетите се продавало сладолед по следниот распоред: ванила 28%, овошни вкусови 15%, вкус на лешник/орев/бадем 13.5%, измешан вкус на слатки и бонбони 12.5%, чоколадо 8%, со вкус на торта и колачиња 7.5% и кафе/мока 3%. Продажбата на сладолед во продавниците варира бидејќи се измислуваат нови вкусови на сладолед, но поголемиот дел од луѓето велат дека ванила им е омилен вкус, а на второто место се наоѓа чоколадото.
Сладолед во корнет
[уреди | уреди извор]“Прирачната книга на г-ѓа Маршал” објавена во 1888 година, поддржува служење сладолед во корнет, но идејата за такво служење сладолед потекнува многу порано. Агнес Маршал, многу позната писателка која пишувала прирачници за готвачи, помогнала сладоледот да стане многу популарен. Таа создала и притоа ја патентирала машината за правење сладолед, а воедно и предложила да се користи течен гас за замрзнување на сладоледот.
Постојат сигурни докази кои укажуваат на тоа дека сладолед се служел како десерт уште во XIX век и дека неговата популарност се зголемила за време на светскиот саем во Сент Луис во 1904 година. Според една легенда, на светскиот саем, еден продавач на сладолед ги продал сите книжни чинии во кои ги ставал топчињата сладолед, па повеќе не можел да продава сладолед. До него имало штанд на кој се продавало сириски вафли, но не многу успешно бидејќи било многу жешко; па продавачот се понудил да му направи корнети со тоа што ги завиткувал вафлите во вид на корнет. Така, новиот производ се продавал многу добро а воедно, и многу други продавачи почнале да прават корнети од вафли.
Други видови на ладни десерти
[уреди | уреди извор]Подолу следи мала список на ладни десерти слични на сладоледот:
- Замрзнат крем: содржи најмалку 10% млечна масленост и 1.4% жолчка од јајце, по состав е многу сличен на италијанскиот џелато. Во Италија е познат како семифредо.
- Замрзнат јогурт: безмасен десерт или пак десерт со малку масленост кој се прави од јогурт.
- Хало-хало: популарен десерт на Филипинците кој претставува мешавина од мраз и млеко на кој се додаваат варен сладок грав и овошје и се служи ладен во висока чаша или длабока чинија.
- Заледено млеко: содржи помалку од 10% млечна масленост.
- Сладолед на стапче: замрзнато овошно пире, овошен сок или шербет со овошен вкус.
- Кулфи: се верува дека во Јужна Африка го донеле Могулите во шеснаесеттиот век.
- Мелорин: сладолед кој се прави без млеко со растителни масти наместо млечни масти.
- Паревин: ладен десерт кој се прави без млеко, првпат го направиле во Њујорк во 1969 година.
- Шербет: се прави со 1-2% млечна масленост и е поблаг од сладоледот.
- Сорбет: овошно пире без млечни производи (мраз, овошен сок и шеќер).
- Карамела од јавор: популарен десерт кој најчесто се јаде во пролет, се прави со сируп од јавор кој се полева врз мраз.
Користење на течен азот
[уреди | уреди извор]Идејата за користење на течен азот за замрзнување на сладоледот датира многу одамна, но најпрво се користел за стврдување на сладоледот. Течниот азот се користи за замрзнување на сладоледот со цел истиот да не се става во фрижидер, туку да се подобри начинот на преобразба од течна во цврста состојба. Најпознати видови на сладолед кои се прават со течен азот се Дипин Дотс (Dippin’ Dots) и Блу Скај (Blue Sky). Опасно е да се јаде сладолед додека азотот е во процес на испарување и не треба да се јаде сè додека течниот азот целосно не испари. Понекогаш сладоледот е замрзнат од страните на садот и мора да се растопи за да може да се јаде.
Да се направи сладолед со помош на течен азот има предности во однос на вообичаеното замрзнување. Поради брзото замрзнување, кристалните зрнца се помали и притоа сладоледот станува покремаст.
Сладоледот како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Сладолед“ — кус расказ на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска од 2018 година.[1]
- „Дворецот од сладолед“ — расказ на италијанскиот писател Џани Родари.[2]
- „Бел сладолед од пиперки“ (англиски: White Pepper Ice Cream) — песна на американското дуо Cibo Matto од 1996 година.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 38.
- ↑ Џани Родари, Приказни по телефон. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993.
- ↑ YouTube, Cibo Matto - Viva! La Woman (Full Album) (пристапено на 22.4.2017)
|