Галиште
Галиште | |
Координати 41°19′16″N 21°51′50″E / 41.32111° СГШ; 21.86389° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Кавадарци |
Област | Мариово |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1423 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 11008 |
Надм. вис. | 740 м |
Галиште на општинската карта Атарот на Галиште во рамките на општината | |
Галиште на Ризницата |
Галиште — село во Општина Кавадарци. Денес нема жители.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото е сместено во источниот дел на областа Тиквешко Мариово, на надморска височина од 740 м. Има многу голем атар кој зафаќа површина од 52,1 км2. Се претпоставува дека во постаро време Галиште се наоѓало на друго место поради положбата на црквата „Св. Атанасиј“.[3]
Околу возвишението на селото течат потоци кои подолу ја образуваат Галишка Река, која пак тече во јужен правец и завршува како притока на Црна на јужната атарска граница.
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Галиште е населено уште од доцната антика, за што сведочат археолошките наоѓалишта во околината.[4]
Меѓу околното население постои легенда за основањето и настанокот на името на селото, која вели дека во некое многу дамнешно минато во овој крај живееле тројца браќа: Гале кој заминал преку Трибор и го основал Галиште, Вито кој се населил и го основал Витолиште и Раде кој заминал преку Дрен Планина и го основал Радобил.[5]
Следат османлиски пописни податоци за Галиште од XV и XVI век кои го покажуваат растот на селото според бројот на неговите домаќинства:
Статистички документ[6] | Домаќинства | Неженети | Вдовици | Годишен приход |
---|---|---|---|---|
Дефтер бр. 4 од 1476/77 г. | 4 | 152 | ||
Дефтер бр. 16 од 1481/82 г. | 5 | 187 | ||
Дефтер бр. 73 од 1519 г. | 26 | 4 | 1 | 1363 |
Дефтер бр. 149 од 1528/29 г. | 37 | 1 | 1425 | |
Дефтер бр. 232 од 1544/45 г. | 30 | 5 | 1015 |
Во XIX век Галиште било чисто македонско село во Рожденската нахија (Мариово) на Тиквешката каза на Отоманското Царство. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Галиште (Galischté) било село со 49 домаќинства, сочинети од 232 жители Македонци.[7][8] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Галишта имало 700 жители, сите Македонци христијани.[7][9]
За народните носии во селото мариовскиот војвода Васил Балевски напишал:
Носијата на мажите и жените е сосема поинаква од онаа во Река и Тиквешко. Таа е бела кај мажите со малку вез, а кај жените со многу вез, која достигнува до 5-6 оки волнена преѓа. Појасите на жените се волнени плетени остри како женска коса и долги. Опашувањето претставува еден многу дебел прстен околу половината, направен од многу плетеници. Над челото потстрижени (цулувци), а од кај ушите се долги потстрижени и се нарекуваат кркма. Вода носат на глава. Мажите си ги носат ризите над гаќите и се опашуваат со разнобојни појаси (кемери).[10]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Галиште има полјоделско-шумарско стопанство. Според податок од 1998 г. селото располага со 4.011,7 ха шуми, 155,3 ха обработливо земјиште и само 16,7 ха пасишта.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[11]
Иако порано било релативно големо село, Галиште почнало да се раселува во XX век, така што веќе по Втората светска војна имало значително помалку жители. Намалувањето на населението продолжило и понатаму, при што најдраматичниот пад се случил во 1970-тите, сведувајќи се од 292 жители во 1971 на само 15 жители во 1981 г. Во следните периоди имало по двајца жители, а според пописот од 2002 година, Галиште веќе немало ниеден жител.[2] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 700 | — | 420 | 399 | 418 | 292 | 15 | 2 | 2 | 0 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви
- Црква „Св. Атанасиј“, изградена на крајот од XVII век
- Археолошки наоѓалишта[4]
- Галиште — депо на монети од средниот век
- Градиште - Грамаѓето — населба од доцноантичко време и средниот век
- Карарица — утврдување од средниот век
- Равен — утврдување од средниот век
- Ќелиите — кула од средниот век
- Убче — населба од доцноантичко време
- Црепиште — депо на монети од доцноантичко време
- Црквиште — утврдена населба-збег од доцноантичко време
Личности
[уреди | уреди извор]Личности родени во Галиште:
- Никола Ѓелев - симпатизер на народослободителната војска на Македонија.
- Геле Галишки - Коџабашијата (? - 1904) — македонски револуционер, тиквешки војвода на МРО
Личности починати во Галиште:
- Димката Ангелов Габерот (1916-1943) — македонски партизан, учесник во НОБ на Македонија.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Според истражувањата направени во 1920-тите, родови со потекло од Галиште има во следниве населени места во тиквешкиот и мариовскиот крај:[16]
- Бегниште: Кулевци (1 куќи)
- Беловодица: Баба-Брезкинци (1 куќа) потекнуваат од домазет Стојан кој дошол од Царевиќ во 1910 г., а таму неговиот род е доселен од Галиште
- Бојанчиште: Лазовци (1 куќа) доселени најпрвин во Полошко
- Драдња: Дипиновци (6 куќи)
- Праведник: Марчевци (4 куќи; наречени и Мијаилевци и Јуруковци), доселени во XIX век
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јануари 2021.
- ↑ Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (I. изд.). Скопје: Патрија. стр. 66-67. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 146. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Според кажување на мештани на Витолиште. Забележал Марио Шаревски на 24 мај 2015 г.
- ↑ „Галиште (Galiste) село во Тиквешко Мариово“. Итар Пејо. Архивирано од изворникот на 2014-03-03. Посетено на 3 март 2014.
- ↑ 7,0 7,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 80 - 81.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 156. ISBN 954430424X.
- ↑ Балевски, Васил. Спомени на двама четници на ВМОРО 1904-1908, „Акшеана 2007“, София, 2008, стр. 32.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец. Београд, 1924
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Галиште на Ризницата
- Галиште (Galiste) село во Тиквешко Мариово Архивирано на 23 ноември 2020 г. — Итар Пејо
|