Дијалекти на македонскиот јазик
Македонистика |
---|
Граматика |
Правопис и правоговор |
· Азбука· |
· Транслитерација· |
Македонскиот јазик според поделбите на некои дијалектолози брои околу 27 дијалекти поделени во три главни групи. Главната граница помеѓу двата блокови источните и западните дијалекти е планината Скопска Црна Гора, продолжува со реката Вардар па сѐ до Егејското Море (Бело Море). Главна особина за западните дијалекти е побавниот тоналитет на дијалектите, употребата на тројниот член и акцентот паѓа на третиот слог од крајот на зборот. Заедничка особина за источните дијалекти е побрзиот тоналитет на зборување, кратење на зборовите и променлива положба на акцентот. Дијалектите се зборуваат на сета територија на Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија (Беломорска Македонија), Мала Преспа и Голо Брдо и југозападно Косово. Македонскиот јазик, со сите негови дијалекти има над 3 милиони говорници.
Дијалекти
[уреди | уреди извор]Дијалектичка поделба на македонскиот јазик[1] | |
Тетовски и горански
Скопскоцрногорски
Кумановско-кратовски
Централни
Гостиварски
Рекански
Малорекански (Галички)
Дебарски
Дримколски-голобрдски
Вевчанско-радошки
Горнопреспански / Охридски
Долнопреспански
|
Горички (Корчански)
Костурски
Нестрамски
Тиквешки
Штипско-кочански
Струмички
Малешевско-пирински
Солунско-воденски
Серско-драмско-лагадинско-неврокопски
|
Северно наречје
- Западна група:
- Источна група:
Западно наречје:
- Централна група:
- Западна и северозападна група:
- Гостиварски (Горнополошки) дијалект[7]
- Горански дијалект[8]
- Рекански дијалект
- Галички дијалект[9]
- Дебарски дијалект
- Дримколско-голобрдски дијалект
- Вевчанско-радошки дијалект[10]
- Струшки дијалект
- Охридски дијалект
- Горнопреспански дијалект
- Долнопреспански дијалект
Источно и јужно наречје
- Источна група:
- Тиквешко-мариовски дијалект
- Штипско-кочански дијалект
- Струмички дијалект
- Малешевско-пирински дијалект[11]
- Југозападна група[12]:
- Југоисточна група:
Географска распространетост
[уреди | уреди извор]Дијалектите на македонскиот јазик се одликуваат по местоположбата на регионот во кој се зборуваат. Македонската јазична територија го опфаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа сливот на реките Вардар и Струма и долниот тек на реката Места.
Запад
[уреди | уреди извор]На запад, македонската јазична територија граничи со албанскиот јазик. Поголемиот дел од таа јазична граница се совпаѓа со државната граница меѓу Република Македонија и Албанија, а на географски план неа ја претставуваат планинскиот венец Кораб - Дешат - Јабланица, откаде се спушта на југозападниот дел на Охридското Езеро. По должината на оваа граница, на албанска страна остануваат триесетина населени места со македонско население, во долината на реката Дрим, западно од Дебар, и во областа позната како Голо Брдо и три села на брегот на Охридското Езеро околу градот Поградец (Подградец). Од јужниот брег на езерото, јазичната граница завртува на југоисток и преку планината Галичица излегува на југозападниот брег на Преспанското Езеро, а оттаму продолжува на југ и преку планината Мокра Гора излегува на Грамошта (Грамос), југозападно од Костур. На овој дел од границата, на албанска страна, остануваат десетина села на западниот брег на Преспанското Езеро и три села источно од Горица (Корча), Албанија.
На македонско - албанското јазично пограничје, на потесен ареал живее мешано македонско и албанско население. Оваа област ја опфаќа територијата на правецот Скопје - Тетово - Гостивар - Дебар - Струга - Поградец - Горица. Во овој дел населението главно е двојазично.
Југ
[уреди | уреди извор]На југ, македонскиот јазик граничи со грчкиот јазик, на сиот простор од планината Грамошта па сѐ до реката Места во Тракија. Според Божидар Видоески и повеќе други јазичари, јазичната граница навлегува многу подлабоко на југ од денешната државна граница меѓу Република Македонија и Грција (т.е. Егејска Македонија). Така, македонскиот јазик може да се слушне сѐ до линијата Грамошта - Бер - Солун. Од Солун таа продолжува на исток и преку областа Богданско (каде се наоѓаат многу познатите, во дијалектологијата села Сухо и Висока) излегува на реката Места, малку посевероисточно од градот Драма.
Во ареалот на македонско - грчката јазична граница, на поширок простор во Егејска Македонија, живее мешано македонско и грчко население. Во северозападниот дел од денешна Грција, покрај македонско, живее и грчко, албанско и влашко население. Тука населението во голем процент е тријазично.
Исток
[уреди | уреди извор]На исток, македонскиот јазик граничи со бугарскиот јазик. Според македонските јазичари, оваа граница ја претставува планинскиот венец Доспат - Рила. Од Рила границата свртува на северозапад, малку посеверно од Благоевград (Горна Џумаја) и излегува на државната граница меѓу Република Македонија и Бугарија. Официјалниот став на Бугарија е дека во рамките на нејзината територија не се зборува македонски јазик, а на бугарските јазичари дека во суштина, македонскиот е самиот по себе, дијалект на бугарскиот јазик. Според повеќе меѓународни извори, македонскиот јазик се зборува во Бугарија, но не се даваат конкретни податоци за бројот на говорниците, ниту пак за нивната припадност кон определен дијалект на македонскиот јазик.
Македонското население во Пиринска Македонија, која е во составот на Бугарија, покрај службениот бугарски јазик го употребува и својот мајчин (роден) македонски дијалект. Во источните делови на Пиринска Македонија и во делови од Егејска Македонија до Солун, јатовиот глас ѣ се изговара како во Источна Бугарија - дјадо (дядо), нјама (няма), млјако (мляко) наместо дедо, нема, млеко итн.
Север
[уреди | уреди извор]На север, македонската јазична граница се совпаѓа со државната граница меѓу Република Македонија и Србија.
Разлики во самогласките
[уреди | уреди извор]Централните западни дијалекти разликуваат пет самогласки, а, е, и, о, у (/i, ɛ, a, ɔ, u/). Речиси сите други дијалекти имаат темна самогласка /ə/. Покрај ова, во разни дијалекти се јавува и фонемско /ɑ/, /æ/ и /y/ и самогласно /l/ и /r/.
Највеќето дијалекти ја имаат самогласката /ɛ/ од првобитното ě (ѣ, јат), но во источните региони ě се развило во /a/ по /c/: источно цал, западно цел. Покрај ова, во најисточните делови на Егејска и Пиринска Македонија нагласеното е ě звучи како /a/ или /æ/. Кај егејските дијалекти пак, ова се јавува безусловно, додека пиринскиот серско-драмско-лагадинско-неврокопски дијалект има /ja/ доколку во следниот слог има задна самогласка, и има /ɛ/ доколку има предна самогласка. На пример, зборовите „бела“ (ж) и „бел“ (м) во разните дијалекти се јавува на следниов начин: Сер-Драма: /bala/ - /bali/, Сухо и Висока: /bæla/ - /bæli/, Неврокоп[14]: /bjala/ - /bɛli/. Во Горица, акцентираното ě станува /iæ/.
Разлики во согласките
[уреди | уреди извор]Што се однесува до согласните одлики, западните дијалекти се разликуваат од источните по тоа што го губат гласот х (освен во Тетово, Гора и Горица) и гласот „в“ во меѓусамогласна положба (освен во Мала Река и делови од Костур-Горица): „глава“ = гла, „глави“ = глај. Источните дијалекти го задржуваат гласот „х“ (освен Тиквешко-мариовскиот и кумановско-кривопаланечкиот) и меѓусогласното „в“. Источните дијалекти се одликуваат и со епентетичко „в“ пред првичното „о“, каде западните дијалекти имаат епентетичко „ј“: источно „ваглен“, но западно „јаглен“. Двофонемските рефлекси се најкарактеристични за говорите во Егејска, Пиринска Македонија, Костур-Горица и Охрид-Преспа. Серско-драмско-лагадинско-неврокопскиот дијалект се одликува со низа фонемско палатализирани согласки.
Разлики на акцентот и неговите ефекти врз самогласките
[уреди | уреди извор]Западните дијалекти имаат непроменлив акцент, третосложен во Република Македонија, и второсложен во Егејска Македонија и Албанија. Источните дијалекти пак, заедно со соседните бугарски дијалекти, имаат разни системи на променлив акцент. Во Долен Вардар и Сер-Неврокоп неакцентираните а, е, о (/a, ɛ, ɔ/) стануваат ’, и, у [ə, i, u].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ After Z. Topolińska and B. Vidoeski (1984), Polski-macedonski gramatyka konfrontatiwna, z.1, PAN.
- ↑ Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр. 149-162 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) овој дијалект го нарекува исклучиво тетовски (не долнополошки).
- ↑ „Тетовскиот говор, 2020 - Тајните на ТЕТОВО“. gavro.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-11-23. Посетено на 2020-10-29.
- ↑ Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр. 149-162 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) го наведува Вратничкиот дијалект посебен од Тетовскиот.
- ↑ стр. 68 Граматика на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, Култура- Скопје 1967
- ↑ Академик Божидар Видоески, Кичевскиот говор. МЈ, 1957, VIII, 1, стр. 31-90.
- ↑ Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр. 149-162 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) овој дијалект го нарекува исклучиво гостиварски (не горнополошки).
- ↑ Според Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр. 312-317 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) Горанскиот говор е дел од западната група на западното наречје.
- ↑ Belić 1935: A. Belić, Galički dijalekat, Srpski dijalektološki zbornik, VII, Srpska kraljevska akademija, Beograd – Sr. Karlovci, 1-352+IV
- ↑ The Radožda-Vevčani Dialect of Macedonian: Structure, Texts, Lexicon by P. Hendriks. The Slavic and East European Journal, Vol. 22, No. 1 (Spring, 1978), pp. 111-112
- ↑ A comparative historical analysis of nominal accentuation in archaic (Maleševo) and transitional (Nivičino) Eastern Macedonian dialects," in Proceedings of the Third North American-Macedonian Conference on Macedonian Studies. Indiana Slavic Studies 10:135-151. 1999
- ↑ Македонските дијалекти во Егејска Македонија: (Обид за класификација). Македонските дијалекти во Егејска Македонија: научен собир, Скопје 23-24 декември 1991. Скопје: МАНУ, 1994, стр. 23-60.
- ↑ 13,0 13,1 str. 249- 252 Makedonski jazik za srednoto obrazovanie- S.Bojkovska, D.Pandev, L.Minova-Ǵurkova, Ž.Cvetkovski- Prosvetno delo AD- Skopje 2001
- ↑ Стойков, Стойко. 2002 (1962) Българска диалектология. Стр. 143]
Извори
[уреди | уреди извор]- Книга: Божидар Видоевски: Дијалектите на Македонскиот Јазик - том 1 Архивирано на 20 јуни 2021 г., МАНУ, Скопје 1998. - 365 стр.
- Книга: Божидар Видоевски: Дијалектите на Македонскиот Јазик - том 2 Архивирано на 12 јули 2020 г., МАНУ, Скопје 1999. - 250 стр.
- Книга: Божидар Видоевски: Дијалектите на Македонскиот Јазик - том 3 Архивирано на 12 јули 2020 г., МАНУ, Скопје 1999. - 263 стр.
- Етнолог (англиски)
- Британика Архивирано на 24 декември 2007 г. (англиски)
- Би-би-си (англиски)
- Хелсинки (англиски)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Дигитални ресурси на македонските дијалекти“. МАНУ.
- Аудиоматеријали од македонските дијалекти од збирката на Божидар Видоески Архивирано на 18 декември 2018 г. — Фонотека на Центарот за ареална лингвистика при МАНУ
- Карта на македонските дијалекти со текстови и аудиозаписи — Центар за ареална лингвистика при МАНУ
- Г. А. Стојанов — канал на YouTube на со приказни, песни и текстови од најразлични македонски дијалекти
|