Прејди на содржината

Електрична светилка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историја

[уреди | уреди извор]
Првите светилки

Сè до пред 200 години светлината од свеќите била најдобра вештачка светлина.[1] Дури и денес за многу милиони луѓе извор на вештачка светлина претставуваат обичните маслени ламби. Широката употреба на внатрешно и надворешно осветление станала можна тогаш кога научниците успеале да ги совладаат моќите на гасот, а потоа и на електрицитетот, за потоа да пронајдат нов начин за нивна употреба, на пример стаклената светилка.[1]

Да се живее без никакво осветление претставувало голема тешкотија, па затоа користењето на маслени ламби и на свеќи од животинска маст го направило животот полесен за многу луѓе. Пронаоѓањето на гасното осветление на крајот од XVIII век го означило значајниот напредок во светлинската технологија, како појавата на електрични ламби на крајот од XIX век.[1]

Светлина од масло и од гас

[уреди | уреди извор]

Маслото не можело да гори лесно на ниски температури, а можело да биде запалено од чкорче само ако имало фитил (парче материјал конец или коноп што го впива маслото). Кога до фитилот ќе се доближело запалено чкорче, топлината од пламенот претворало мало количество од маслото во испарлива материја што се запалува. Се мислело дека гасот од јаглен нема вистинска употреблива вредност сè додека Вилијам Мудрок не го употребил за да ја осветли својата куќа во Корнвол околу 1799г. Две години подоцна тој ја осветлил целата фабрика Сохо Фаундри во Бирминген, па постепено гасните материјали и гасната светлина почнале да се користат низ Британија. Пламенот на голиот гас бил блед, треперлив и жолт сè до 1890г., кога бил претворен во бела светлина со помош на обвивката од гас - мрежа од метални оксиди ставена врз гасот. Но тогаш, електрицитетот почнал да станува достапна алтернатива.[1]

Електрична лачна ламба

[уреди | уреди извор]
Светилка во течен азот.

Електричната батерија била пронајдена од Александар Волта во 1799г., па луѓето насекаде низ Европа почнале да експериментираат со овој нов вид на електрицитет. Хамфри Дејви, кој работел во Лондон околу 1810г., ја измислил лачната ламба. За оваа ламба биле користени две јаглеродни прачки, секоја поврзана со по еден крај од голема батерија. Дејви ги допрел електродите една од друга, со што го скратувал калемот, а потоа ги одделувал по еден милиметар. Електричната струја ја прескокнувала празнината меѓу двете електроди, при што се создавала плазма што силно светела. Оваа појава, наречена електричен лак, била првиот доказ дека електричната светлост е можна. Со извесни унапредувања, во 1810г., овој пронајдок станал понат како „ламбата на Дејви“.[1] За несреќа, овој вид јаглерод тешко се управувал, бидејќи електродите постојано согорувале, а оваа силна светлина може да предизвика оштетување на очите. Сепак, лачните ламби биле употребувани за осветление на улиците или светилниците.[1]

Пронаоѓање на светилката

[уреди | уреди извор]
Светилката на Едисон

Пронаоѓањето на електричната светилка паралелно се врзува со имињата на двајца научници: Американецот Томас Алва Едисон и Британецот Џозеф Вилсон Свон. Во февруари 1879 година првата светилка што имала жичка од чист јаглерод, затворена во стаклена топка во вакуум ја пронашол Џозеф Свон.[1] Се верува дека Хајнрих Гобел направил функционална светилка три децении претходно, а Александар Николаевич Лодигин развивал електрична светилка речиси во исто време. Иако Едисон не бил првиот што ја направил светилката, неговиот модел бил пораспространет бидејќи траел подолго и претставувал дел од цел систем за осветление. Едисон се концентрирал на комерцијална употреба и успеал да го рашири новиот концепт по домовите и индустријата со производство на долготрајни светилки. Светилката на Едисон барала многубројни тестирања со невообичаено голем број обиди, гешки и употреба на 6.000 супстанци, додека упорниот истражувач не го открил карбонизираното бамбусово влакно, кое во вакуумот светело преку 1.000 часови. Тоа, од своја страна, водело кон унапредување на генераторите на електрична струја и го револуционизирало осветлувањето во домаќинствата и јавното снабдување со електрична енергија. Светилката Едисон официјално ја патентирал во 1880г.[1]

Флуоресцентни светилки

[уреди | уреди извор]

Флуоресцентните светилки првпат се појавиле во 19 век. Работат на принцип на ослободување на електрицитетот низ гас под низок притисок. Направени се од стаклена цевка исполнета со инертен гас (пример аргон) под низик притисок. Струјата што тече низ гасот ја испарува живата. Атомите на живата што се судираат со електроните се забрзуваат и потоа испуштаат фотони на ултравиолетова светлина кога паѓаат во првобитната положба.[1] Фосфорниот слој на внатрешноста од цевката ја претвора оваа ултравиолетова светлина во бела, видлива светлина. Флуоресцентните светилки се шестпати поефикасни од обичните светилки. Компактните флуоресцентни светилки (КФС) имаат покуса цевка, превиткано спакувана. Флуоресцентните цевки што содржат гас неон честопати се употребуваат за изработка на улични знаци, бидејќи може да бидат изработени во кој било облик или боја, отпорни се на сите временски услови и долго траат. Со порастот на притисокот за намалување на потрошувачката на енергија, претстои еволуција на изворите на вештачка светлина.[1]

Диодите што испуштаат светлина (ЛЕД) се ефикасни енергетски направи што произведуваат светлина низ полуспроводни диоди. Првпат се појавиле во 1960 година, и на почетокот испуштале само црвена, слаба светлина. Денес се многу светли, работат поефикасно од флуоресцентните светилки и не се вжештуваат.Обичните светилки трошат 90 проценти од својата енергија во топлина, па притисокот за штедење енергија со користење на ЛЕД-светилки, наместо обични светилки сè повеќе се зголемува.[1]

Светилката како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „Колку пакети пиво се потребни да се намести светилка?“ (How Many Six Packs Does It Take To Screw In A Light?) - песна на американската рок-група „Американ мјузик клаб“ (American Music Club) од 1994 година.[2]

Историја на светилките во Македонија

[уреди | уреди извор]

Првата електрична светилка во Скопје засветила во 1909 година, со помош на мала дизел електрична централа, која служела за напојување на пумпната станица за потребите на градскиот водовод.[3]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Општа наука (Енциклопедија за секое семејство и дом) – Младинска книга Скопје. Главен уредник Адам Харт-Дејвис.
  2. DISCOGS American Music Club ‎– San Francisco (пристапено на 10.6.2018)
  3. „ХЕЦ Козјак – производство на електрична енергија и намалување на штетите од поплави“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 26-27.