Прејди на содржината

Липид

Од Википедија — слободната енциклопедија
Слика 1: Структура на липид. Многу липиди се состојат од поларна група - "глава" на липидот (P) и неполарна група - "опаш" на липидот (U). Овој липид е фосфолипид (со два опаши). Сликата на лево е зголемена верзија на шематската претстава на десно.

Липидите или мастите се група на органски соединенија кои не се растворливи во вода, а се раствораат во органски растворувачи (етер, ацетон, хлороформ и други) и на тој начин можат да се екстрахираат од ткивата на растенијата или животните. Липидите, за разлика од јаглехидратите се хидрофобни органски соединенија, што значи тие не се мешаат со водата, туку притоа даваат посебен вид на раствор наречен емулзија.

Мастите, како и јаглехидратите и белковините можат со други органски соединенија да конјугираат и да градат сложени комплексни соединенија кои се вградени во структурата на живата протоплазма.

Липидите заедно со белковините се важен градбен материјал на клеточните структури, а посебно е важно учеството во изградбата на цитоплазматичната и сите мембрани на мембранскиот систем во клетката. Во клетката, липидите се претставени со околу 1 до 5% од вкупната клеточна тежина. Овие материи се и главен и најсконцентриран извор на енергија. Како резервни материи се складираат во форма на неутрални липиди (триацилглицериди, холестерол-естри) во внатреклеточни органели наречени липидни капки[1]. Кај повеќето ’рбетници мастите главно се складираат во специјализирани клетки, адипоцитите, кои се клеточна компонента на масното ткиво.

Основна поделба на липидите

[уреди | уреди извор]

Постојат многубројни класификации на липидите, но најчестата е онаа според која тие се делат на прости (прави или вистински масти) и сложени липиди.

Прости липиди се мастите (нарекувани често и триглицериди) кои претставуваат естери помеѓу трихидроксилниот алкохол глицерол и вишите масни киселини. Вишите масни киселини кои доаѓаат во природните масти можат да бидат незаситени или заситени.

Простите липиди се најпознатите липиди. Тие се наоѓаат во помали количини во сите клетки, меѓутоа постојат и клетки кои ги содржат во висок процент, како што се мастоцитите од масното ткиво. Кај животните, масното ткиво е претставено како лој или под кожата во вид на сало. Кај растенијата, мастите се концентрирани во семињата и плодовите. Повеќето растителни масти што се добиваат од маслодајните растенија се во течна агрегатна состојба, односно тие се масла.

Неутралните масни материи се важни резервни материи во клетката, кои по потрба се разградуваат и вклучуваат во клеточниот метаболизам.

Сложените липиди (познати и како липоиди) во својот состав имаат и нелипидно соединение — фосфорна киселина, различни органски бази или јаглехидрати.

Липоидните молекули се поларни структури, бидејќи имаат хидрофилен пол (со -OH група) и хидрофобен пол (со [[CH3 група]]). Посебно значење за клетката имаат фосфолипидите, гликолипидите, стероидите, восоците итн.

  1. Cohen, Sarah (2018). „Lipid Droplets as Organelles“. International review of cell and molecular biology. 337: 83–110. doi:10.1016/bs.ircmb.2017.12.007. ISSN 1937-6448. PMC 6241319. PMID 29551163.