Русалка
Русалка е женски дух, водна нимфа или демон во словенската митологија. Русалките наликувале на сирени и живееле на дното на реките.
Навечер, русалките излегувале од реките и оделе на ливадите да играат. Кога ќе забележеле привлечен маж, тие го маѓепсувале со песна и игра, го хипнотизирале и го одведувале на дното на реката да живее со нив. Приказните за русалките се слични со приказните за Хилас и нимфите, германските никти, ирските банши и шкотската бен них (bean nighe). Слични се и другите словенски самовили.
Потекло
[уреди | уреди извор]Во повеќето приказни, русалката е неспокоен дух поврзан со „мрачната сила“. Според Зеленин, луѓето кои умираат насилно или пред време, како на пример младите жени кои се самоубиваат затоа што ги напуштиле љубовниците, или пак бремените жени кои не се во брак, мораат да проживеат одредено време како духови на земјата.
Постои уште една верзија според која душата на млада жена која умрела во близината на некоја река или езеро, тука и останува да живее опседнувајќи го местото. Русалките не се секогаш злобни и тие можат да преминат од овој свет на другиот доколку се освети нивната смрт.
Русалки можат да станат и некрстените деца, а најчесто вонбрачните деца кои мајката поради тоа ги удавила. Децата русалки наводно талкале низ шумата молејќи да бидат крстени за да го најдат својот мир. Сепак, тие не се секогаш невини и може да го нападнат оној кој е доволно луд да им пријде.
Опис
[уреди | уреди извор]Иако главното живеалиште на русалката било водата каде што умрела, таа излегувала навечер, се качувала на дрво и таму пеела песни, седела на кејот и си ја чешлала косата или пак играла ора (руски: хороводы, полски: korowody) со другите русалки во полињата [1].
Во некои верзии на легендата, од очите ѝ излегувала зелена светлина, а пак во други, нејзините очи се опишани како мошне бледи, проѕирни и без зеници. Косата ѝ била зелена или златна, и најчесто мокра. Русалката не можела да живее долго на копно и без вода, но нејзиниот чешел ја одржувал во живот, затоа што со него магично можела да создаде вода секогаш кога ѝ било потребно. Според некои легенди, русалката умирала ако ѝ се исуши косата.
Русалките сакале во игрите да им се придружуваат мажи и деца. Тие ги примамувале мажите со песна и потоа ги давеле, а децата ги намамувале со кошници полни со овошје. Мажите кои биле маѓепсани од русалка умирале во нејзините раце, а според некои верзии, можеле да умрат и ако ја слушнат како се смее.
Описот за русалките се разликува од област до област. Иако во повеќето приказни тие живееле на ненаселени места, во Украина често ги поврзувале со водата, додека во Белорусија ги поврзувале со шумите и полињата. Кога земјата била плодна, русалките биле убави и се појавувале голи. Во постудените области на Русија тие се појавувале како „амазонки со огромни гради“ (Хабс), додека на север, тие често биле претставени како грди влакнести жени.
Недела на русалките
[уреди | уреди извор]Се верувало дека русалките се најопасни за време на неделата на русалките (руски: русальная неделя, позната и како „зелена недела“) на почетокот на јуни. Во овој период, тие навечер ги напуштале речните длабочини за да се лулаат на гранките од брезите и врбите. Во оваа недела пливањето било строго забрането, затоа што се верувало дека сирените можат да го повлечат пливачот на дното од реката. Вообичаена појава на прославата на неделата на русалките била ритуалното протерување или закоп на русалката на крајот на неделата, што постоело и служело како забава во Русија до 30-тите години од 20 век. Макс Фасмер забележал дека самиот збор русалка првобитно се однесувал на танците на девојките за време на Педесетница. Зборот е добиен преку грчкиот збор ῥουσάλια, кој пак е извлечен од латинскиот „rosalia“, термин кој ја означувал Педесетницата (изворното значење е „празник на розите“).
Русална недела е недела посветена на самовилите, тоа е недела во која паѓаат света Троица/Духови или е недела од Духови до Петрови (поклади) пости. Во Северна и Западна Бугарија и во некои делови на Србија, постоело верување дека преку таа недела самовилите - русалки одат по земјата како обични жени (облечени во бели фустани, со долги коси).
Овој празник бил особено почитуван од жените. Во тек на таа недела жените се подвргнувале на низа забрани (обавување на женски работи, капење, сексуално општење). Во раните утрински часови се береле росни билки за кои се сметало дека имаат исцелителска моќ поради росата - ‘живата вода’ која ја остават зад себе самовилите. Обредите сврзани со исцелување најчесто биле наменети за менталните заболувања кои најчесто се сметале како последица на случајна средба или вознемирување на самовилите или нивните поседи, или пак, како причина се сметало и непочитување на обредните елементи канонизирани со прослава на русална недела.
Во пловдивско (Бугарија) постоела русална задушница кога се давала храна за починатите. Во Србија исто така постои раздавање на храната со спомнување на имињата на починатите, но и носење на знаме на кое се испишани имиња на сите починати во таа година.
Во селото Дубоко и околниот крај, во Србија, пред пештерата за која се верувало дека претставува живеалиште на самовилите и некои други хтонски битија се изведувала оргијатска прослава при која жените паѓале во длабок занес и обредно се буделе со попрскување на вода која истекувала од пештерата. Во селата оддалечени од пештерата овој обред се изведувал на раскрсници или извори. Обредот се правел пред пештера на Тодорова сабота, а сега на првиот крстопат, ден од Духови. Се смета дека овие обреди припаѓале на автохтоното население од тоа подрачје. Според некои истражувањи кои се повикуваат на Еврипидовите баханалии, тоа е дел од култниот оргијазам каде жените имале важна улога. Името росуље, пак, се доведува во врска со римската прослава на денот на розите. Но со паганската вера на Словените се доведува според хтонски карактер и со празнување на самовилинските денови. Најраширено верување е дека во основата е култот кон предците.
Русална среда
[уреди | уреди извор]Русална среда паѓа во четвртата седмица по Велигден. На тој ден се одбегнувале какви било домашни работи. На тој ден луѓето не се капеле, бричеле и чешлале. Во Јужно Поморавље, се плетеле венчиња од жолти полски цвеќиња кои младите ги носеле како превенција за главоболки. Таквите венчиња се чувале исушени и со нив се каделе или премачкувале со пепелта од венчето заболените од некои кожни заболувања (руса)[2].
Наводи
[уреди | уреди извор]- Никос Чаусидис, Мисла, Скопје, 1994,
- Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, 2004, Издавачки центар Три, Скопје.
Поврзано
[уреди | уреди извор]„Русалка“ на Ризницата ? |
- Словенски самовила
- Сирена
- „Русалка“ — опера
|
- ↑ Никос Чаусидис, Мисла, Скопје, 1994, стр.140 -143
- ↑ Речник на јужнословенска митологија,Гордана Стојковска, Три, Скопје,2004, стр.195