Прејди на содржината

Њамурагира

Координати: 1°24′29″S 29°12′00″E / 1.408° ЈГШ; 29.2° ИГД / -1.408; 29.2
Од Википедија — слободната енциклопедија
Њамурагира
Њамурагира (лево) и Њирагонго (десно).
Највисока точка
Надм. вис.3058 м [1]
Координати1°24′29″S 29°12′00″E / 1.408° ЈГШ; 29.2° ИГД / -1.408; 29.2[1]
Географија
Њамурагира на карта

Карта

МестоКиву, ДР Конго
Матичен венецВирунга
Геологија
Видштитест вулкан
Последен избув2014

Њамурагира (англиски: Nyamuragira, Nyamulagira, Nyamlagiri) — голем базалтски штитест вулкан со речиси симетрични падини, кој се наоѓа во Националниот парк Вирунга во Демократска Република Конго. Вулканот се наоѓа во близина на границата со Руанда, на 15 километри северно од градот Гома, на 25 километри северно од езерото Киву и на 14 километри северозападно од другиот голем вулкан Њирагонго. Тој е најактивниот вулкан во Африка и еден од најактивните во светот[2]. Тој често отфрла лава и вулканска пепел, но смртните последици се ретки[3]. Њамурагира е составен дел на планината Вирунга, вулкански синџир, кој пак се наоѓа во Големата Раседна Долина. Вкупно 8 вулкани се наоѓаат по должината на планината Вирунга. Од исток на запад тие се Мухабура, Гахинга, Сабињо, Бисоке (Визоке), Микено, Карисимби, Њирагонго и Њамурагира. Повеќето од нив се згаснати, но Њирагонго, заедно со Њамурагира, се едни од најактивните вулкани во Африка. На нив се должат на 2/5 од вулканските ерупции на континентот[4][5]. Њамурагира еруптирал околу 40 пати од 1885 година.[6]

Својства

[уреди | уреди извор]

Вулканот има висина од 3.058 метри, покривајќи околу 800 км2 површина, а пречникот на неговата основа е 20 километри. Неговиот вкупен волумен е проценет на 500 км3. Неговите падини главно се со со наклон меѓу 10° и 20°, за разлика од оние на соседниот Њирагонго.[7]. Тоа ја проширува областа погодена од ерупцијата и достигнува до 1100 км2. Картираните лавини текови од 1938 до 2010 година заземаат 40% од оваа област. Оценката на еруптивниот обем за избувнување за истиот период е во просек 72 милиони м3 со максимум од 200 милиони за ерупцијата во 1938 - 1940 година[5].

Купата има стрмни падини и делумно уништени ѕидови, со големина од 2х2,3 километри. Неговото дно е рамно и лежи на длабочина од 100 метри од нејзиниот раб. Главниот конус е добро сочуван и има пречник од 15 километри. Постои голем број паразитски пепелни конуси на крилјата на вулканите[4][7]. Во периодот од 1921 до 1938 година во кратерот има лавино езеро кое постепено исчезнува. Неговата појава била забележана повторно во 2014 година.[5]

Лавата на Њамурагира е многу алкална и се одликува со зголемена содржина на калиумски соединенија и многу ниско ниво на силициум диоксид. Ова е исто така предуслов за ниската вискозност, т.е. лавата да тече побрзо. Таква е и одликата на лавата на секој од осумте вулкани во Вирунга, а трагите од лавини текови на Њамурагира и Њирагонго се спојуваат во нивните погранични зони[5][7]

Вулканска активност

[уреди | уреди извор]
Њирагонго (долу) и Њамурагира (горе)

Њамурагира е најактивниот африкански вулкан. Помеѓу 1865 и 2011 година биле потврдени 43 ерупции со просечна пауза од 3,5 години помеѓу нив. Од 1976 до 1989 година, биле забележани седум хавајски ерупции. Од 1980 година, имало во просек една ерупција на секои две години. Вулканот се одликува со два вида ерупции што е типично за штитестите вулкани[7] - од централниот кратер и од пукнатинските зони по крилните позиции, при што се формираат бројни пукнатини и пепелни конуси.[4] Во наше време може да се набројат повеќе од 100 такви конуси на неговите падини[5]. Помеѓу 1921 и 1938 година во купата се појавило лавино езеро[8].

Во повеќето случаи, ерупциите започнуваат со паразитски конуси или радијални пукнатини, а лавините текови достигнуваат максимална должина од 20 до 30 кимолетри. Во екстремни случаи, тие течат во езерото Киву, испуштајќи отровни гасови од неговото дно. Лавата поминува многу километри и уништува населени места, тропски шуми и обработливо земјиште, кои се наоѓаат околу вулканот.[4][7]

Неколкупати се набљудувала и симултанска ерупција на Њамурагира и Њирагонго во рок од неколку дена. Постои претпоставка дека нивните основи би можело да се поврзани длабоко под земјата. Системот исто така го вклучува и синџирот на пепелни конуси Рушајо, формиран од ерупцијата од 1948 година. Можно е кон неа да спаѓаат и приближно паралелни текови на запад од овој синџир, врз кои се издигаат пепелните конуси Мухуболи и Гитуро.[5]

Документирани ерупции

[уреди | уреди извор]

1865, 1882, 1894, 1896, 1899, 1901, 1902, 1904, 1905, 1906 (?), 1907, 1907, 1908, 1909, 1912 - 13, 1920, 1921 - 38, 1938 - 40, 1948, 1951, 1951 - 52, 1954, 1956, 1957, 1958, 1967, 1971, 1976 - 77, 1980, 1981 - 82, 1984, 1986, 1987 - 88, 1989, 1991 - 93, 1994, 1996, 1998, 2000, 2001, 2002 , 2004, 2010, 2011, 2012, 2014.[4][7]

Ерупцијата на вулканот била силна, лавините текови тргнале на југозапад и достигнале до езерото Киву на југ. Постепено целото лавино езеро од купата истекло во Киву и тоа исчезнало за долги години[3][9]

Ерупцијата започнала на 24 март од конусот Ругарама. Звукот од рушењето се слушнал на растојание од 10 километри, а блесокот се забележил на растојание од 50 километри.[7]

Ерупцијата започнала на 16 јули од пепелниот конус Китазунгурва на јужната падина на вулканот. Продолжувајќи 36 дена, лавините текови се излеале на југ со дебелина 2 метри, ширина 1 километри и достигнувајќи на 2 километри од патот Гома-Саке, поминувајќи по брегот на езерото Киву. Вкупниот волумен на испорачаните производи се проценува на 50 милиони м3. Хемискиот состав на лава бил променет во споредба со она од претходната ерупција, при што содржината на силициум е намалено, а на магнезиум и железо е зголемено. На 18 август, ерупцијата го променила својот карактер, завршувајќи со испуштањето на лавини фонтани. Земјоделските култури на југозапад биле уништени, а 150 говеда починале поради покриената со пепел на растителноста од која јаделе.

Ерупцијата започнала во април од централниот кратер, но подоцна се префрлила во пепелниот конус Киманура, формиран од ерупцијата во 1986 година на источната падина на вулканот.[7][10]. Во декември истата година, протокот на црна лава течел по северната падина и достигнал должина од 20 километри. Отворот на Кимамура е на најниско ниво од трите конуси формирани за време на претходната ерупција. Мали потоци на лава, исто така, протекле од централната купа и пукнатина на североисточниот рид. Вулканот бил тивок само во август 1990 година.[10]

Ерупцијата започнала на 20 септември на надморска височина од 1530 метри на североисточната падина и на 15 километри од централната купа. Ова е најсеверно позната ерупција. Лавата течела кон североисток и го прекинала патот кон Тонго. На 20 ноември, ерупцијата станала поексплозивна, а од јули 1992 година, 26 нови пепелни конуси биле подигнати на постоечката пукнатина во североисточниот правец. Ерупцијата продолжила до 8 февруари 1993 година[10].

Ерупцијата предизвикала брзи и долги лавини текови кои достигнале до 10 километри од еруптивниот центар и изгориле дел од тропската шума на патот. Ова предизвикало брзо затворање и евакуација на неколку бегалски кампови во близина.[3]

На 31 јануари 2014 година, хеликоптер остава вулканолози од Центарот за истражувања во кратерот Њамурагира

Утрото на 27 јануари се случиле серија ерупции од пукнатината на североисточната падина. Вулканската активност предизвикала голема паника во блискиот бегалски камп во Гома, каде што луѓето сметале дека кампот ќе биде зафатен од лавината. Сателитските слики покажале присуство на термални лавини текови до 10 февруари[10]. Поради присуството на конголски бунтовници во околните области, спроведувањето на геолошки студии не било дозволено[3].

На ерупцијата му претходеле серија земјотреси и истата започнала на 19 мај. Дното на купата било покриено со тврда кора на лава, а имало три такво места. Во една од нив, на длабочина од 15 метри, се појавило новото лавино езеро со пречник од 300 метри. Ерупцијата била од типот Стромболи, а од трите отвори за вентилација истовремено започнало да истура лава. На дното започнало формирање на нови, ниски конуси од згура и пепел. Главната ерупција се појавила преку 4 многу активни конуси. Висината на лавините фонтани што емитираат се проценува на 30 до 50 метри. Сите потоци се споиле и формирале нов, многу широк лавин поток, зафаќајќи голем простор кој се протегал по падините и достигнал должина од 12 километри. Активноста на вулканот останала доста силна и стабилна во споредба со другите документирани ерупции[8].

Алфа-магнетниот спектрометар за сондата на Earth Probe известил за појавувањето на голем облак на SO2 ослободен за време на ерупцијата на Њамурагира. На запад, тој се протегал 180 километри од местото на ерупција, 360 километри јужно и 260 километри источно, покривајќи ги соседните Руанда и Бурунди. Облакот содржил 190.000 тони сулфур диоксид, од кои 116.000 го достигнале максималното растојание од 560 километри западно од вулканот. Максималната висина во која се движел не е одредена[8].

Во април 2009 година, сеизмичката активност во близина на вулканот нагло се зголемила, а научниците во опсерваторијата Гома започнале во очекување на ерупцијата. Таа се случила на 2 јануари следната година во 04:58 по месно време, со ерупција што започнала во исто време од 4 кратери. Лавата течела надолу по падините кон југозапад и потокот брзо достигнал должина од 500 метри. По четири дена, тој патувал 21 кимометри и стигнал на само 7 километри од патот меѓу Гома и Саке. Изворите на вода биле загадени со вулканска пепел и станале несоодветни за потрошувачка. Пепелта и гасовитите емисии предизвикале здравствени проблеми за населението во околните села. Здравствените центри известиле за зголемени случаи на проблеми со стомакот и болести на очите. Таа пријавила смрт на многу домашни животни и оштетување на жетвата. Се проценува дека 52.096 жители биле погодени од ерупцијата, вклучувајќи 7.901 во Мугунга, 13.000 во Русајо и 31.195 во Саке и Кинги.[7]

Тим на вулканолози кои вршат истражување во кратерот на вулканот (15 февруари 2014)
Поглед кон купата (17 март 2014)

Ова била најсилната ерупција на вулканот во изминатите 100 години[10]. Пред ерупцијата имало неколку земјотреси кои се заканиле да го активираат соседниот голем вулкан Њирагонго.[8] Ерупцијата започнала вечерта на 6 ноември 2011 година. Лавините фонтани еруптирале од еднокилометарскиот кратер Киманура, кој се наоѓа на 10 километри од купата, на североисточниот наклон на вулканот. Нивната светлина се забележила на десетици километри. Тие достигнале висина од 400 метри и го формирале новиот конус. Во првата недела новиот конус, чие име значи „многу лилјаци“, се издигнал до висина од 60-70 метри, а по кратко време достигнал до 300 метри[7][10]. Новиот конус бил исклучително активен, а лавините фонтани со висина до 600 метри се исфрлиле надвор од грлото и лавата започнала да тече кон северната страна.[8]

Потоа се формирале два нови кратери, од кои секој со повеќе отвори, а теренот околу нив бил наталожен со слој од ситни лапили. Во периодот 23-25 јануари 2012 година се создал уште еден секундарен (источен) кратер. Лавиниот поток се проширил и северно од пукнатината, разлевајќи се по релативно рамниот терен во должина 11,5 километри и пристигнал на 5 километри од патот Каленгера-Тонг. Западно од местото на ерупцията се проширил голем облак од сулфур диоксид. Ерупцијата продолжила до февруари, а за тоа време потоците од лава веќе поминале 19 километри[10].

На 24 февруари 2012 година сеизмичката мрежа на OVG забележала значителна серија од експлозивни потреси. Било утврдено дека тие потекнуваат од кратерот на Њамурагира и се должат на гасни експлозии. Од тој ден активноста на ерупцијата од пукнатините значително се активноста се намалила, а активностите внатре во кратерот се зголемиле. Во почетокот на март се чувствувал исклучително силен мирис на SO2, што значи дека дел од магмата која е поблиску до површината разурнала Земјината кора во рамките на кратерот и започнала дегазација. Во април активноста во кратерот се зголемила и внатре во него се формирал цилиндричен отвор од каде се исфрлиле гасовни струи.

На 29 јуни НАСА изјавила дека Њамурагира повторно исфрла пареа и други вулкански гасови. Сателитското набљудување покажало висока концентрација на SO2 во вулканската пепел, како и појавата на лавино езеро. Во Хавајскиот институт по геофизика и планетологија биле добиени 6 предупредувања од програмата MODVOLC за можна претстојнота ерупција на северните падини на вулканот. Слична активност била забележана и кај соседниот голем вулкан Њирагонго[4][11].

Екологија

[уреди | уреди извор]

Поради карактерот на ерупциите на Њамурагира и недостатокот на значајни населби на падините, неговата ерупција ретко зема човечки жртви. Вулканот најверојатно е најбогатиот вулкански извор на сулфур диоксид во светот, кој исфрла огромни количества гас и лавини фонтани. Помеѓу 1979 и 2008 година, вкупно 14 ерупции исфрлиле 25 милиони тони SO2. Гасовите кои останале во пониските слоеви на атмосферата, можат да предизвикаат кисели дождови и да имаат значително влијание врз земјоделските култури во регионот, а исто така и да доведат до брза корозија на дел од човечката инфраструктура. Според Американската агенција за заштита на животната средина, сулфур диоксидот може да предизвика инфекции на дишниот систем и да ги влоши веќе постојните срцеви и пулмонални заболувања. Тој исто така може да влијае на климата кога сулфатните честички се светли и одразуваат сончева светлина. Ако ерупцијата е доволно силна за да ги истурка овие честички во стратосферата, тие можат да предизвикаат ладење на климата за повеќе од една година.[12]

Територијата е покриена со голем број мали лапили. Тие се производ од долготрајното присуство на фонтани од лава и истите го оштетуваат земјоделското земјиште околу Њамурагира, што од своја страна доведува и до проблеми при добитокот.[5]

Вулканската пепел предизвикува респираторни проблеми кај населението кои живеат во областите во правец на ветерот. Сепак, преовладувачките ветрови ги носат гасовите и пепелта на запад, а не кон густо населените области на југ по должината на брегот на езерото Киву. Градот Саке е единствената голема населба во областа на доминантните лавини текови. Поради растојанието од еруптивните центри, градот има доволно време за соодветен одговор на своите жители и евентуална евакуација[5].

Митологија

[уреди | уреди извор]

Според верувањата на месното население, Њирагонго и Њамурагира се сопрузи. Њамурагира е мажот, и ерупциите кај него се помоќни, а Њирагонго е жената. Душите на нивните следбеници по смртта одат да живеат во близина на вулканите. Душите на мртвите од племињата Бањаруанди и Батузи одат во Њирагонго, а оние на Батокајџиви и Бахавути во Њамурагира. Пристигнувањето на починатиот водач доведува до движење на лава и слаби ерупции. Колку е поголем водачот, толку посилна ерупцијата предизвикува неговата душа. Ерупција, исто така, може да се активира доколку тие се нешто се лути на душите на мртвите, особено оние на владетелите. Со цел да ги смират вулканите, нивните племиња ги жртвуваат козите, кравите итн.[13]

  1. 1,0 1,1 „Nyamuragira“. Глобална програма за вулканизмоит. Смитсонова установа. Посетено на 22 August 2006. (англиски)
  2. Smets, B.; Wauthier, C.; d’Oreye, N. (2010), „A new map of the lava flow field of Nyamulagira (D.R. Congo) from satellite imagery“, Journal of African Earth Sciences, 58 (5): 778–786, doi:10.1016/j.jafrearsci.2010.07.005
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Encyclopedia Britannica/Mount Nyamulagira
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Volcano Discovery/Nyamuragira
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Photovolcanica/Nyamuragira (Nyamulagira) Volcano
  6. „Volcano erupts in Congo“. CNN. 2 January 2010. Архивирано од изворникот на 2011-01-27. Посетено на 13 February 2011.
  7. 7,00 7,01 7,02 7,03 7,04 7,05 7,06 7,07 7,08 7,09 John Seach – Volcano Live/Nyamuragira Volcano
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 Active Volkanoes/Nyamuragira-Nyamulgira, Congo/Febr. 2014
  9. „The Officisl Site of Virunga National Park/Nyamulagira Volcano's Latest Activity“. Архивирано од изворникот на 2015-10-12. Посетено на 2017-12-08.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 Countries of the World/Nyamuragira Volcano, Democratic Republic of the Congo
  11. „Smithsonian Institution/Global Volcanism Program“. Архивирано од изворникот на 2017-12-16. Посетено на 2017-12-08.
  12. „Earth Observatory/Eruption of Mount Nyamulagira“. Архивирано од изворникот на 2014-08-21. Посетено на 2017-12-08.
  13. Харун Тазиев – „Сред огън и вода“/изд. Варна, библиотека „Нептун“/1969 г./стр.149-152

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]